• понеделник, 18 ноември 2024

Голо Брдо три дена без струја, излез од областа само преку преминот Требиште-Џепиште

Голо Брдо три дена без струја, излез од областа само преку преминот Требиште-Џепиште

Тирана, 27 ноември 2023 (МИА) - Поради лошите временски услови, со обилни врнежи од снег, ветер и температури до 10 степени под нулата, Македонците во областа Голо Брдо деновиве се соочуваат со веќе познатите проблеми, завеани патишта и прекин во снабдувањето со електрична енергија.

-Поради искинат проводници од тежината на снегот и силниот ветер, веќе три дена има прекин во снабдувањето со електрична енергија. Најавено е да стигнат екипи на Електродистрибуција ама недостапните патишта тоа го отежнуваат, изјави за МИА, Едмонд Османи администратор на административната единица Требиште.

Во однос на патиштата, кои главно се макадамски, вели дека во тек е нивно расчистување и оти во моментот го расчистуваат патот кон село Мало Острени, по што ќе продолжат и до другите села.

-Најпрво го исчистивме асфалтниот пат од Требиште до граничниот премин Џепиште, бидејќи поради близината на Дебар за сите неопходни потреби стигнуваме најбрзо таму. Веќе сме навикнати и порано а и сега во време кога областа е завеана во снег, кога имаме итни случаи на болни ги транспортираме во Дебар, посочува Османи.

Албанските медиуми пренесуваат дека патот од Булќиза кон Голо Брдо сеуште е непрооден. Во однос на автопатот Руга е Арбрит (Патот на Арбр), од граничниот премин Блато кон Тирана е прооден за сообраќај, но поради остатоци од кашест снег а на повеќе места и мраз се препорачува многу вниматлно возење. вт/

 

Фото:МИA

Остани поврзан