Голема количина дожд и над 9.000 електрични празнења регистрирани во Грција
- Дожд, кој во одредени делови достигнал и над 100 литри на квадратен метар, и над 9.000 електрични празнења биле регистрирани во текот на вчерашниот ден во Грција според податоците од Националната опсерваторија на Атина и порталот „Метео“, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 2 февруари 2026 (МИА) - Дожд, кој во одредени делови достигнал и над 100 литри на квадратен метар, и над 9.000 електрични празнења биле регистрирани во текот на вчерашниот ден во Грција, според податоците од Националната опсерваторија на Атина и порталот Метео, јави дописничката на МИА од Атина.
Според мрежата на автоматските метеоролошки станици на Националната опсерваторија, најголемите количини врнежи биле регистрирани во источниот дел на областа Тесалија, како и во северниот дел на Пелопонез и во северна Грција.
Дополнително, невремето беше придружено и од вкупно 9.316 електрични празнења, пред сè, во морските, островските и во крајбрежните области, според податоците од инструментот Lightning Imager на метеоролошкиот сателит Meteosat-12.
Над морето биле регистрирани 7.850 електрични празнења, а другите 1.466 биле на копно.
Од „Метео“ посочија дека под поимот електрични празнења се подразбираат сите видови празнења, вклучувајќи молњи (помеѓу облаците и земјата), празнења помеѓу облаците, како и празнења помеѓу облаците и воздухот.
Невремето што вчера ја зафати Грција создаде проблеми во одредени делови на земјата, а превентивно беа испратени и неколку пораки од бројот 112 за итни случаи за граѓаните да ги ограничат своите движења. ср/јт/
Фото: Метео