• вторник, 24 декември 2024

Годишна конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи во Куманово

Годишна конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи во Куманово
Куманово, 27 октомври 2022 (МИА) - Десеттата јубилејна конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи (ЗПРМ/МАТА) ќе се одржи во Куманово, на 5 ноември годинава, информираа денеска од здружението и ги повикаа заинтересираните да се пријават. Темата на годишнашната конференција ќе биде: „Здравствените предизвици на преведувачката и толкувачката струка: Како да си го сочуваме здравјето?“ На конференцијата ќе се обратат локални експерти коишто ќе зборуваат за здравствените предизвици со кои се соочуваат преведувачите и толкувачите и правните регулативи и можностите за здравствено осигурување при хонорарно ангажирање на преведувачи и/или толкувачи. - Имено, конференцијата ќе ја отвори доктор ортопед којшто ќе зборува за најчестите мускулоскелетни заболувања кај преведувачите кои долги часови поминуваат пред компјутер во неправилна положба и нивна превенција. Ќе се обрати психотерапевт која ќе зборува за психолошките предизвици особено за толкувачите кога толкуваат во стресни ситуации и кога работат во стресни услови, лиценциран јога инструктор, која ќе демонстрира вежби и техники на дишење за да се надминат мускулните и менталните проблеми, како и физиотерапевт кој ќе покаже практични вежби за размрдување на скелетот и ќе сподели совети како да се спречат посериозни ’рбетни заболувања, изјави Наташа Атанасовска, судски преведувач и толкувач од англиски на македонски и обратно. Покрај медицинскиот дел, на конференцијата ќе има претставник од осигурителна компанија којшто ќе ги посочи можностите за здравствено осигурување на хонорарните работници, имајќи предвид дека мнозинството од членовите во Здружението се хонорарни работници и немаат здравствено осигурување. Експерт за трудово право ќе зборува за правото на здравствена заштита при хонорарно ангажирање на преведувачи и толкувачи и можноста за создавање синдикат на толкувачи и преведувачи или на хонорарни работници во глобала. Податоците за конференцијата може да се добијат на Фејсбук страницата на ЗПРМ/МАТА: Macedonian Association of Translators and Interpreters.ам/вј/

Остани поврзан