• недела, 22 декември 2024

Годишен раст на зелените кредити од 26 проценти во првиот квартал од 2024 година

Годишен раст на зелените кредити од 26 проценти во првиот квартал од 2024 година

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) - Народната банка ги објави податоците за „зелените кредити“ за првиот квартал од 2024 година, каде што се забележува годишен раст од 26,37 проценти. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, „зелените кредити“ се зголемени за 2,8 пати, информираат од Народната банка.

Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што е развивање нова еколошка технологија.

Според податоците на Народната банка, на крајот од првото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 19.860 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со првото тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 18.771 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 1.089 милиони денари.

-Расте и уделот на зелените во вкупните кредити, иако сѐ уште е на ниско ниво. Oд крајот на 2019 година, заклучно со првото тримесечје од 2024 година, учеството на зелените во вкупните кредити е зголемено од 2,2% на 4,5%, се вели во соопштението од Народната банка. 

Препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок Народната банка, велат оттаму, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки. сст/нд/

Фото: Народна банка

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан