Годинава во Кочани се родија пет бебиња, во другите болници од регионот се чека на првото новороденче
- За првите четири дена од 2022 година во Општата болница со проширена дејност во Кочани се родиле пет бебиња. Со тоа, оваа здравствена институција е рекордер во источниот регион, со оглед што
Кочани, 4 јануари 2022 (МИА) – За првите четири дена од 2022 година во Општата болница со проширена дејност во Кочани се родиле пет бебиња. Со тоа, оваа здравствена институција е рекордер во источниот регион, со оглед што во другите болници сè уште се чека на првото новороденче.
Опаѓањето на бројот на породувања во болниците во регионот е константно во последната деценија, при што според податоците од Државниот завод за статистика, минатата година на Истокот во државата е регистриран вкупен негативен прираст од околу 1.300 лица.
Во Општата болница во Кочани годинава по подолг период првото новороденче се роди на 1 јануари, при што од раководството на здравствената институција истакнаа дека иако минимално, сепак е регистрирано покачување на бројот на породувања.
- На нашето акушерско одделение минатата година имаше над 150 породувања, со што продолжува позитивниот тренд, во споредба со претходната неколкугодишна стагнација. Освен од Кочани, имаме родилки и од соседните општини што гравитираат овде. Сепак, до пред две децении овде се раѓале и по 1200 бебиња годишно, но сега тој број е драстично намален, истакна Александар Серафимов, директор на Општа болница – Кочани.
И покрај позитивниот тренд на породувања во кочанската болница, анализата на официјалните податоци покажува забрзано опаѓање на бројот на населението. За една година во општините Кочани и Штип се регистрирани по околу 210 починати повеќе од бројот на родени. Во Виница негативната разлика е 144, а во руралните општини Зрновци и Чешиново-Облешево починале 93 лица повеќе во споредба со новородените.
Според податоците од истражувањата на невладината организација „Ини“ од Виница најголемо влијание врз негативниот прираст во регионот имаат лошата социјалноекономска состојба и иселувањето на младите брачни парови во западноевропските земји.та/фф/