• понеделник, 23 декември 2024

„Гнев“ нов сингл на македонската група „Conspiracy“

„Гнев“ нов сингл на македонската група „Conspiracy“

Скопје, 5 јули 2023 (МИА) - „Гнев“ е новиот сингл на македонскиoт состав „Conspiracy“.

Како што наведува бендот, со оваа моќна, брза и ритмички силна композиција, членовите на бендот го изразуваат ставот кон денешното општество и политичките случувања коишто ја следат долгата транзиција.

„Гнев“ всушност е прва композиција на „Conspiracy“ што е отпеана на македонски јазик со што доживувањето и флуидот на песната меѓу бендот и фановите го прави уште посилно.

„Conspiracy“ чекорат по својот пат, како што и самите велат во текстот на песната. Со новиот сингл, „Conspiracy“ покажуваат дека времето работи за нив и доколку продолжат да чекорат цврсто и бескомпромисно онака како што знаат и умеат, ги чека светла иднина.

„Гнев“ е авторско дело на членовите на бендот Стефан Трајкоски (вокал и гитара), Александар Стефановски (тапани), Адриан Петров (гитара) и Раде Биковски (бас). Во снимањето учествуваа Александар Стефановски и Раде Биковски, додека миксот и продукцијата на оваа композиција се дело на тапанарот на бендот Александар Стефановски. Композицијата е мастерирана во Sierra Studios во Атина за што се погрижи  Александрос Крисидис. Оваа композиција е проследена со видео запис којшто е дело на Стефан Рајхл, додека за монтажата се погрижи Ристо Душковски. нд/

Тагови

Остани поврзан