• понеделник, 23 декември 2024

ГИ „Учебници и настава мора да има“ не се откажува од иницијативата за референдум за Законот за дигитализирање на учебниците

ГИ „Учебници и настава мора да има“ не се откажува од иницијативата за референдум за Законот за дигитализирање на учебниците
Скопје, 19 мај 2021 (МИА) - Претседателите на Комисијата за политички системи и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија повикувајќи се на автентично толкување на законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните утврдија дека предлогот за покренување граѓанска иницијатива за распишување на референдум за нацрт Законот за дигитализирање на учебниците во основните и средните училиштата, е неуреден, информира претставничката на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, Даниела Димовска. - Претседателите на комисиите се повикаа на автентично толкување на законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните со аргумент дека потписите треба да бидат дадени во органите на државната изборна комисија, а обрасците треба да бидат заверени од овластено службено лице, согласно автентичното толкување и Деловникот на Собранието имаат право да одлучат така како што одлучија. Сепак ако имаа само малку добра волја и ако ги видоа илјадниците граѓани на протестите низ цела држава во саботата очекувавме да одлучат поинаку, додаде Димовска. Таа појасни дека потписите биле собрани за време на протестот во саботата, ден кога државните органи не работат. - Го поднесовме предлогот за да не ги изневериме граѓаните и да реагираме брзо против овој предлог закон. Се надевавме дека илјадниците граѓани ќе бидат фактор за одлучувањето по ова прашање, затоа што истите тие граѓани ги гласале овие лица да работат во нивна корист и нивни интерес, ова нема да не спречи да ја истераме постапката до крај и по наложениот административно технички протокол ние јавно ќе ги објавиме датумите и местата за собирање потписи и ќе ги повикаме повторно граѓаните да ја дадат поддршката, изјави Димовска. Таа напомена дека на седниците на комисиите биле повикани да ги слушнат одлуките, но не и да дадат мислење и покрај тоа што побарале збор. - Денеска ќе се обратиме и до делегацијата на ЕУ и ОН односно УНИЦЕФ со следен заклучок, граѓаните не прифаќаат европско знаменце на ваков контроверзен и непромислен закон ниту ги прифаќаат финансиските средства од Светската банка за имплементација и реализација на истиот. Дополнително ќе ги објавиме датумите за следните мирни протести за да Европа и светот го видат незадоволството и ставот на граѓаните за актуелниот закон посебно на истите родители кои што се едногласни против овој закон, рече Димовска. Таа потенцира дека бараат укинување на законот, а не негова промена, бидејќи се сигурни дека нема да бидат прифатени сите нивни забелешки на овој нацрт Закон. Инаку, во понеделникот Иницијативата го поднесе предлогот за референдум до Собранието со собрани 600 гласови само на територија на Град Скопје. свс/сп/

Остани поврзан