Гир: Процесот на пристапување во ЕУ не мора да значи откажување од историјата и идентитетот, туку напротив носи стабилност и просперитет
- Добрососедските односи се суштински дел на евроинтеграцискиот процес, а процесот на пристапување во ЕУ може да помогне за поголема промоција и унапредување на односите, не мора да значи откаж
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Добрососедските односи се суштински дел на евроинтеграцискиот процес, а процесот на пристапување во ЕУ може да помогне за поголема промоција и унапредување на односите, не мора да значи откажување од историјата и идентитетот, туку напротив. Членството носи предности како поголема стабилност, просперитет и демократска одговорност.
Ова го порача евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето на конференцијата „Можности за проширување“, како дел од серијата настани што ги организираат чешката Амбасада во земјава заедно со Амбасадата на Чешка во Бугарија, со цел подобрување на добрососедските односи и дијалогот меѓу Скопје и Софија, како и можностите за зајакнување на економската соработка. Фокусот на денешната дебата, како што истакна чешкиот амбасадор Јарослав Лудва е на заедничкиот европски пазар и придобивките кои тој ги носи за земјите членки.
- Минатото не беше секогаш лесно, и кога зборуваме за минатото се фокусираме на исклучителните постигнувања кога од поранешни непријатели стануваме соработници, ставајќи ги на страна прашањата од историјата поради заедничкиот интерес. Но има многу примери на разлики меѓу членките на ЕУ кои постојат и денес, како што е меѓу Холандија и Белгија кои се решаваат на дневна база. Понекогаш овие спорови се чинат непремостливи како случајот со преговорите меѓу Италија и Хрватска во однос на оф-шор економски зони, кој на крајот се надмина. Ваквите чувствителни прашања и недоразбирања помеѓу соседите се константни и бараат да се работи на нив постојано. Добрососедските односи се суштествен дел на евроинтегративниот процес бидејќи ЕУ не сака да увезува спорови, но и затоа што тие се клучни за промоција на просперитет, иновација, креативност преку подобрена поврзаност, трговија и размена на човечки капитал и инвестиции. Тие овозможуваат стабилност, мир и со тоа ги унапредуваат потенцијалите за инвестиции и просперитет, рече Гир.
Тој нагласи дека живееме во свет на поликризи - многу кризи кои се случуваат одеднаш, како ковид-кризата, војната во Украина која предизвика енергетска криза и зголемување на трошоците за живот, климатските промени, дигитална револуција и притисокот од миграциите, но вели, очигледно во наш заеднички интерес е да работиме заедно за справување со овие предизвици
- Често проблемите помеѓу нациите се поврзуваат со несигурност, историја, болки и трауми, од подалечни или поблиски времиња и често тие ги допираат и идентитетските прашања за тоа кои сме. Јас израснав во Обединето кралство и моето разбирање за односите со Ирска е многу променето од тогаш. Затоа во промоцијата на добрососедските односи сите мора да се однесуваме со почит и отвореност, да се слушаме меѓу себе во дух на пријателство. Тоа е во наш интерес. Со тоа не го губиме нашиот идентитет. Процесот на пристапување во ЕУ може да помогне за поголема промоцијата и унапредување на односите, не мора да значи откажување од историјата и идентитетот, туку напротив. Членството носи предности како поголема стабилност, просперитет и демократска одговорност, порача евроамбасадорот Гир.
Ами Ларсон-Јаин, амбасадорката на Шведска, како иден претседавач со ЕУ од јануари 2023 година, ја поздрави оваа иницијатива за конструктивен дијалог во кој би се вклучени и граѓанското општество и бизнис заедницата, нагласувајќи дека соработката од сите видови денес е потребно повеќе од кога било и е единствениот пат напред, кога се соочуваме со кршење на меѓународното право на нашиот континент.
- Кога станува збор за соседи во ЕУ, од шведска перспектива гледано нордиските земји имаат минато кое е доминирано од војни и конфликти. Денес ги користиме нашите сличности за да бидеме најдобри сојузници во ЕУ, а се надеваме и во НАТО кога ќе станеме полноправна членка, рече Ларсон - Јаин.
Шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија, кои го преземаат претседавањето со ЕУ во втората половина од 2023 година, поздравувајќи ја чешката иницијатива, потсети дека Шпанија стана членка на ЕУ во 1986 заедно со Португалија, а пристапувањето во ЕУ по спроведувањето на реформите, придонело за јакнење на нивната демократија но им донело и низа бенефиции и бројни економски можности. Кога станува збор за можностите за проширување и билатералните прашања тој ја нагласи важноста на програмата за прекугранична соработка со Португалија.
- Ние и Португалија сме многу горди на нашата прекугранична соработка, која дава многу можности и овозможува заеднички да се соочиме и со предизвиците како миграцијата, зелената агенда, шумските пожари кои се чести во летниот период. Шпанија има што да каже за своето искуство. Ние веќе се подготвуваме и работиме и за претстојното претседателство со ЕУ, со став дека овој регион бил важен и е многу важен особено сега во овие времиња на предизвици, рече Лозано Гарсија.
Амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш, нагласи дека според негово лично мислење, за нив проширувањето значеше реунификација со Чешката Република, но во една друга смисла и квалитет. Словачка и Чешка станаа вистински партнери благодарение на членството во ЕУ, кое, вели, отвори многу можности за коегзистенција, а вклучувањето во единствениот пазар и особено во Еврозоната значајно влијаел на нивниот развој како мала земја.
- Од моите млади години ја посетував Југославија, патувавме заедно со моите родители и за нас тогаш Југославија беше вистински западна земја. Со членството во ЕУ денес ние сме пред вас и земјите од регионот. Тоа е вистинскиот бенефит и од членството. Да останевме надвор од ЕУ мислам дека ќе бевме повеќе налик на Белорусија. Во регионот постојат бројни иницијативи кои си конкурираат како заеднички регионален пазар и Отворен Балкан кој засега се чини како контроверзен проект. Доколку трите членки на иницијатива покажат дека таа е жива и носи конкретни предности, тоа ќе значи позитивен развој во однос на поголемо интегрирање меѓу шесте земји од Балканот и нивна компатибилност со ЕУ што ќе придонесе за нивна побрза интеграција во Унијата. Северна Македонија треба да напредува, тука сме да помогнеме, бенефитите се исклучителни и таа треба да го следи овој пат, порача Маркуш.
И чешкиот амбасадор Лудва како организатор на настанот се согласи дека кога зборува за чешко-словачките односи дека Чешка и Словачка порано пред да се разделат биле сопружници, а сега се страсни љубовници, кои живеат по правилата на ЕУ.
Во своето обраќање бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов нагласи дека постојат силни показатели дека размената меѓу Бугарија и Северна Македонија до крајот на годината по првпат ќе надмине една милијарда евра, што значи дека бизнисот ги следи добрите трендови во односите, а тоа е во интерес на граѓаните и на двете земји. Од големо значење за интензивирање на билатералните односи додаде тој е и улогата на Коридорот 8 кој ќе ги поврзува Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија.
- По руската агресија во Украина брзото завршување на Коридорот 8 стана од огромно знаење не само за националната безбедност на нашите земји, туку и за европерспективите на регионот на Западен Балкан. Најпосле Бугарија и Северна Македонија имаат и одлична прекугранична соработка финансирана од ЕУ со речиси 95 проценти апсорпција на средства за периодот 2014 - 2020. Тоа што е исклучително импресивно е дека пограничните региони имаат воспоставено одлична соработка, вели Ангелов. вг/нд/