• петок, 22 ноември 2024

Герт Вилдерс потврди дека е постигнат конечниот договор за новата холандска Влада

Герт Вилдерс потврди дека е постигнат конечниот договор за новата холандска Влада

Амстердам, 11 јуни 2024 (МИА) – Четирите холандски политички партии постигнаа конечен договор за формирање на новата екстремно десничарска влада, изјави денеска победникот на изборите Герт Вилдерс.

По речиси шест месеци преговори, националистичката Партија на слободата (ПВВ) на Вилдерс минатиот месец постигна договор за формирање коалиција со три други конзервативни партии, но тие не се договорија за распределбата на министерските должности.

– Постигнавме конечен договор, изјави Вилдерс по речиси четири недели преговори.

Коалицијата минатиот месец објави дека политичкиот аутсајдер Дик Шуф, кој не е член на ниту една партија, ќе биде нов премиер.

Шуф (67) до минатиот месец беше висок функционер во холандското Министерство за правда, откако со години ја водеше холандската разузнавачка служба AIVD и антитерористичката агенција NCTV. Во раните 2000-ти, тој беше шеф на холандската агенција за имиграција.

Составот на владата се уште не е соопштен.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан