• недела, 22 декември 2024

Германски министри повикуваат на ублажување на казните за луѓето кои земаат храна од контејнери

Германски министри повикуваат на ублажување на казните за луѓето кои земаат храна од контејнери

Берлин, 10 јануари 2023 година (МИА) – Двајца министри од германската Влада денеска ги повикаа властите да ја олеснат примената на правилата кои овозможуваат кривично гонење на луѓето кои земаат храна од контејнери, супермаркети и канти за ѓубре.

Министерот за земјоделство Џем Оздемир и министерот за правда Марко Бушман денеска објавија дека им пишале на министрите за правда на 16 германски покраини да предложат „практично решение“ за ова прашање.

Практиката позната како „претурање по контејнер“ се смета за кражба во Германија, иако најчесто ја практикуваат луѓе кои веруваат дека е неетички да се фрла храна која може да се јаде.

Во соопштението на министерот се наведува дека секоја година во земјава се фрлаат околу 11 милиони тони храна, од кои околу седум отсто е во малопродажбата, бидејќи трговците понекогаш нарачуваат повеќе отколку што можат да продадат. Уште 17 проценти доаѓаат од ресторани и мензи.

– Ако луѓето носат дома храна што е фрлена и при тоа не предизвикале штета или не влегле во имот, тогаш според мое мислење, тоа веќе не би требало кривично да се гони, рече Бушман.

Оздемир рече дека воздржувањето од гонење вакви случаи е „еден од многуте елементи во борбата против нерационалното фрлање храна“.

Двајцата министри ги повикаа државните органи да го поддржат предлогот на локалната власт на Хамбург, според кој, во насоките на обвинителството ќе биде додадена клаузула која конкретно ќе се занимава со „ѓубрето“. Нема да бидат потребни вистински измени на законот.

Во предложената клаузула би стоело дека во случаи кога вредноста на украдената стока е мала и не е поднесена кривична пријава, по правило нема јавен интерес за покренување кривично гонење.

Случаите кои вклучуваат штета или неовластен пристап и натаму ќе бидат кривично гонети. рп/

Остани поврзан