• вторник, 05 ноември 2024

Германскиот претседател Штајнмаер во официјална тридневна посета на Грција

Германскиот претседател Штајнмаер во официјална тридневна посета на Грција

Атина, 29 октомври 2024 (МИА) – На покана на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер од денеска е во тридневна официјална посета на Грција, а ќе престојува во Солун, Атина и на островот Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалната програма, Штајнмаер денеска напладне ќе пристигне во Солун и со Сакеларопулу ќе го посетат просторот каде што во тек е изградбата на Музејот на холокаустот, ќе бидат примени од претседателот на Централниот еврејски совет на Грција и Еврејската заедница од Солун, ќе имаат средба со две жени кои го преживеаа Холокаустот, по што претседателите на двете земји симболично ќе засадат дрва.

Во текот на утрешниот ден германскиот претседател ќе биде свечено примен од Сакеларопулу во Претседателската палата во Атина, по што ќе следи средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Планирано е да присуствува и на настан по повод 150 години од германскиот Археолошки институт во Атина и да го посети и центарот за прием на бегалци и мигранти во близина на грчката метропола, додека во вечерните часови грчката претседателка ќе приреди свечена вечера во чест на Штајнмаер.

Тридневната посета на Грција, германскиот претседател ќе ја заврши на островот Крит и посета на селото Канданос во кое се наоѓа Меморијалниот музеј. ср/ссм/

Остани поврзан