• петок, 05 декември 2025

Германскиот министер за надворешни работи под притисок поради враќањето на сириските мигранти

Германскиот министер за надворешни работи под притисок поради враќањето на сириските мигранти

Берлин, 4 ноември 2025 (МИА) – Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денеска инсистираше дека „нема несогласувања“ со канцеларот Фридрих Мерц во однос на прашањето за сириските имигранти, откако се најде под силен притисок од сопствената конзервативна партија.

Коментарите на Вадефул минатата недела во Дамаск, во кои тој предупреди дека е „тешко возможно“ Сиријците кои живеат во Германија да се вратат дома поради уништувањето во земјата, беа критикувани од неговите колеги од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

ЦДУ на Мерц вети дека ќе ги засили депортациите на странските криминалци и нерегуларните мигранти откако ја презеде функцијата во мај, надевајќи се дека ќе ја одврати заканата од екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД).

Канцеларот во понеделникот јавно се спротивстави на забелешките на Вадефул, ветувајќи дека Германија може „да почне со репатријација“ на Сиријците по завршувањето на граѓанската војна.

Берлин преговара со преодниот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара, за да ги продолжи депортациите во блискоисточната земја, откако тие беа суспендирани во 2012 година поради конфликтот.

Но, Мерц нагласи дека германската влада исто така сака Сиријците доброволно да се вратат во својата татковина за да помогнат во реконструкцијата на земјата разурната од војната.

- А оние во Германија кои потоа ќе одбијат да се вратат во својата земја, можеме секако да ги депортираме во блиска иднина, додаде тој.

Високиот пратеник од ЦДУ, Штефен Билгер, беше меѓу оние кои го искажаа своето незадоволство од Вадефул во вторникот. „Јасно, не беше добро што моравме да ја водиме оваа дебата со денови“, изјави тој.

Во меѓувреме, Александер Хофман од баварската сестринска партија на ЦДУ, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), предложи депортациите на осудените криминалци да бидат проследени со депортации на невработените Сиријци.

Според владините податоци, околу 951.400 сириски државјани престојувале во Германија до крајот на август, вклучително и 920 со налог за депортација. Хофман рече дека 500.000 Сиријци примаат надоместок за невработеност.

Вадефул изјави дека е во „целосна согласност“ со позицијата на Мерц, објаснувајќи дека Германија била „многу гостопримлива“ кон Сиријците во деценијата од европската мигрантска криза.

Германија има „легитимен интерес“ да обезбеди Сиријците кои биле „прифатени“ и поддржани од германските даночни обврзници да бидат „подготвени да се вратат“ доколку не нашле вработување, тврдеше Вадефул.

Министерот за надворешни работи доби поддршка од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.

- Некој што стои пред урнатините на војната, го изразува својот ужас и гласно се прашува дали е можно да се живее таму – во ред е да се дозволи тој ужас да се задржи некое време, рече тој.

Сепак, опозициските партии ја истакнаа јавната расправија околу коментарите на Вадефул како знак на слабо партиско единство. Катарина Дреге од Зелените праша: „За што ви е потребен министер за надворешни работи, ако, кога тој оди во Сирија и добие впечаток за ситуацијата, не се верува во проценката на сопствениот министер за надворешни работи?“, пренесе ДПА. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан