• недела, 22 декември 2024

Германската војска отпуштила 62 војници поради врски со екстремната десница

Германската војска отпуштила 62 војници поради врски со екстремната десница

Берлин, 4 декември 2024 (МИА) - Германските вооружени сили минатата година отпуштиле 62 војници поради активности и изјави поврзани со екстремната десница, соопштија денеска официјални лица, пренесува Анадолија.

Меѓу отпуштените се 41 војник, 11 подофицери и 10 офицери, стои во извештајот на Министерството за одбрана на Германија.

Исто така, армијата одбила 94 кандидати за време на регрутирањето поради сомнежи за нивната посветеност кон германскиот демократски Устав.

Извештајот на Министерството документира 205 инциденти кои вклучуваат екстремно десничарско, расистичко или антисемитско однесување во 2023 година. Некои случаи вклучуваат војници кои давале екстремистички изјави или изразувале поддршка за Рајхсбургер (Reichsburger), десничарско движење кое го негира легитимитетот на Сојузната Република Германија.

Овие откритија доаѓаат во услови на зголемена загриженост за влијанието на екстремната десница во германските безбедносни сили. Последниве години, властите распуштија елитна полициска единица и гонеа повеќе активни и пензионирани воени лица поради планирање напади, складирање оружје и врски со екстремистички мрежи.

Пред две години, десетици екстремисти, вклучувајќи го и германскиот аристократ Хајнрих Реус, беа уапсени под обвиненија за планирање државен удар. Осомничените, меѓу кои имало и поранешни полицајци, војници и резервисти, се обвинети за планирање сензационални акции како упади во германскиот парламент и киднапирање политичари со цел да предизвикаат состојба налик на граѓанска војна и на крај да ја соборат владата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан