• понеделник, 01 јули 2024

Германската влада повика на заштита за посетителките на концертите на „Рамштајн“ по обвинувањата за сексуална злоупотреба

Германската влада повика на заштита за посетителките на концертите на „Рамштајн“ по обвинувањата за сексуална злоупотреба

Лос Анџелес, 7 јуни 2023 (МИА) - Германската влада вчера повика на мерки за заштита на женската публика на концертите на хеви-метал бендот „Рамштајн“ во земјата по обвинувањата за сексуална злоупотреба против пејачот.

Пејачот Тил Линдеман (60) е обвинет за сексуална злоупотреба од неколку жени, објави претходно државната телевизија „НДР“. Пејачот е осомничен дека одбирал девојки од првите редови на еден концерт и ги канел на забава по настапот. Потоа две девојки тврдеа дека на тие забави биле дрогирани и принудувани на секс. Бендот ги порекна наводите.

Во друга медиумска истрага што ја води неделникот „Ди велт“ (Die Welt), опишано е како сите членови од групата ги снимале и фотографирале посетителките од првите редови, за Линдеман „да може да ги избере“ оние што му се допаѓаат.

Министерката за семејство, Лиза Паус од Зелената партија, предложи да се воведат заштитни зони на концертите за жени и тимови кои би можеле да интервенираат во случај на сексуална злоупотреба. Треба „брзо и конкретно“ да се разговара за заштитните мерки, побара власта, истакнувајќи дека би било корисно и да се води сериозна дискусија за одговорноста на уметниците и организаторите кон посетителите на концертот.

- Особено младите мора да бидат подобро заштитени од агресија, рече германската министерка.

„Рамштајн“, еден од најпознатите германски хеви-метал состави, е на турнеја низ Европа. Бендот, основан 1994 година, впрочем, мораше и да се откаже од своите провокативни музички спотови. А, наредниве недели треба да одржи концерти во Франција, Италија, Швајцарија, Шведска, Белгија, Холандија, Полска и Австрија.  си/сд/

Фото: ЕПА.

Остани поврзан