• понеделник, 23 декември 2024

Георгиев: Судскиот совет функционира и работи за да ги штити судиите

Георгиев:  Судскиот совет функционира и работи за да ги штити судиите

Скопје, 6 ноември 2023 (МИА) - Судскиот совет функционира и работи за да ги штити судиите. Од тие причини и мотиви, наша должност е, и баравме да имаме средба, да разговараме со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Стоиме на располагање за кој било судија, дали од Врховен или друг суд, да ја отвориме таа дискусија и да се ставиме во функција на заштита на судиите, изјави претседателот на Судски совет Сашко Георгиев.

Во однос на поканата за денешната средба, Георгиев посочи дека Адеми ги информирала писмено дека нема да дојде.

- Ни испрати писмо и ни кажа дека нема да дојде. Тоа е нејзино видување на работните, но, сметам дека е нужно да дојде и ги изнесе наводите. Советот беше и е спремен за дискусии за вакви отворени прашања. Ја охрабрувам за сите притисоци или влијанија да го извести Судскиот совет и согласно закон добие заштита, изјави Георгиев.

Георгиев, исто така, ги охрабри и повика сите судиите, ако имаат какво било влијание да го известат Судскиот совет.

- Апсолутно е недозволиво какво било влијание вез судија или поротник. Согласно закон какво било влијание е кривично дело, што значи веднаш ќе го известиме Обвинителството, рече Георгиев.

Судијата Ивица Николовски, кој е член на Советот, порача дека Судскиот совет има обврска и ќе ги заштити судиите.

-  Од колегите и граѓаните ни доаѓаат разни претставки, но досега нема такви дека некој им вршел притисок. Доколку имаме такви сознанија ние би постапиле, изјави Николовски.

Судијката Антоанета Димовска, најновиот член на Советот, рече дека ја поздравува транспарентноста на Беса Адеми со медиумите, но не и, како што вели, да имаме искривена слика.

- Нашата покана беше за една конкретна точка, на која требаше да разговараме за наводните притисоци, за кои ние не знаме и може да се вистинити, изјави Димовска. аа/ар/

Фото: МИА

Остани поврзан