• петок, 22 ноември 2024

Георгиев: Претставките за коруптивни дејствија ги проследуваме до Обвинителството 

Георгиев: Претставките за коруптивни дејствија ги проследуваме до Обвинителството 

Скопје, 22 мај 2023 (МИА) - Кога имаме претставки од профил на некои укажувања, односно наводи дека станува збор за коруптивни дејствија или елементи за такви сомнежи, без разлика дали е анонимна или од некое лице, пракса на Судскиот совет е дека по постапувањето на вакви претставки, и по произнесувањето на колегите членови на Советот, таквите претставки се проследуваат до Обвинителство заради нивно постапување за евентуални дополнителни истраги или слични состојби, испитување пред сѐ, изјави денеска претседателот на Судскиот Совет Сашко Георгиев.

На новинарско прашање во однос на наводи изнесени во емисијата КОД, пред денешната седница на Советот, претседателот изјави дека тоа не е единствената претставка.

- Вообичаено, кога има такви претставки ги проследуваме до Обвинителството и кога потоа, по нивно постапување добиваме одговор што презеле, дали презеле нешто конкретно или евентуално по нивното испитување ги затвараат таквите случаи, тоа е вообичаено, изјави тој. 

Дополни дека Советот постапува, како што рече, длабински и темелно за сите претставки.

- Го испитува сето тоа, но и покрај таквото испитување, повторно не само за оваа, генерално зборувам за сите претставки од таква содржина, значи доаѓа до некаков заклучок. Од тој заклучок се презентира јавно на седница каква е состојбата во претставката, а потоа во секој случај кога имаме вакви содржини за коруптивни настани или некој таков сомнеж ги доставуваме до Обвинителството како надлежни институции да го испитаат тој случај, дополни Георгиев. 

На прашање дека постојат сомнежи дека се влегува во канцелариите на вработените во Судскиот совет, тој одговори тоа ќе се испита.

 - На работен колегиум дискутиравме во врска со тоа дека имало индивидуални видувања на некои од колегите во врска со некакви сомнежи за влегување во канцеларија или слично, тоа се нивни лични видувања. По дискусија на колегиум донесовме одлука дека во целата ситуација, штом имаме такви сомнежи, редно е да се испита тоа за да знаеме каква е состојбата, рече Георгиев.

Во делот на постапката за избор на нов заменик рече дека ќе се врши согласно новиот Закон за Судски совет.

-Согласно новиот Закон за Судски совет 2019 година, процедурата за избор на заменик е идентична со процедурата за избор на претседател. Значи не е како по стариот закон, каде што претседателот предлага негов предлог да биде избран за заменик, туку, постапката е се предлага некој, или сам аплицира каде што оди на гласање меѓу членовите. Исто така, потребно е најмалку осум члена да гласаат за овој кандидат, што значи дека тогаш ќе биде избран новиот заменик кога ќе биде фактички, кога ќе биде таа седница со осум гласа, посочи Георгиев. ар/мс/

Остани поврзан