Георгиев: Не изненадува случајот со Мерко туку тоа што нашите институции се разбрануваат кога се укажува однадвор
- Најави дека Државната комисија за спречување корупција утре ќе има прес-конференција токму за Рамиз Мерко за кој, како што рече, „уште во 2019 година утврдивме низа злоупотреби во неговото работење како градоначалник“.
Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) – Ова не е воопшто изненадување, но е изненадување тоа што повторно нашите институции сега се разбрануваат откако некој однадвор ќе укаже за одредени состојби што ние веќе сме ги констатирале, изјави Владимир Георгиев, член на Антикорупциската комисија, во врска со ставањето на „црна листа“ на градоначалникот Рамиз Мерко од страна на Стејт департментот.
На новинарско прашање за коментар за случајот, Георгиев рече дека не ни се случува првпат некој однадвор да ни укаже за одредени состојби или личности, како што е конкретниот случај Стејт департментот да го стави на „црна листа“ актуелниот градоначалник на Струга, како што рече - „од аспект на негова вмешаност во корупција и влијание во правосудството“.
Најави дека Државната комисија за спречување корупција утре ќе има прес-конференција токму за Рамиз Мерко за кој, како што рече, „уште во 2019 година утврдивме низа злоупотреби во неговото работење како градоначалник“.
-Наводите што ги најдовме беа поткрепени со извештаи од Државниот завод за ревизија, меѓутоа ништо не беше преземено, истакна Георгиев, одговарајќи на новинарско прашање на презентација на резултати од истражување за корупција во високото образование.
Додаде и дека во извештајот за ставовите на самите судии и обвинители за корупција во правосудството, кој ДКСК го изготви заедно со ОБСЕ и беше презентиран минатата недела, еден од главните показатели е дека самото правосудство е под влијание и на извршната власт, но и од страна на повисоки судии и претседатели на судови. хс/ац/
Фото: МИА