• петок, 22 ноември 2024

Георгиевски: Бугарите не сфаќаат што значи еден македонски политичар да каже, Гоце Делчев е заеднички револуционер меѓу Македонија и Бугарија

Георгиевски: Бугарите не сфаќаат што значи еден македонски политичар да каже, Гоце Делчев е заеднички револуционер меѓу Македонија и Бугарија
Скопје, 16 октомври 2020 (МИА) - Бугарите не сфаќаат што значи еден македонски политичар да каже, Гоце Делчев е заеднички револуционер меѓу Македонија и Бугарија. Сметам дека и сон на бугарската политика долги години беше да добие таква изјава од македонска страна, истакна вечерва поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски во интервју за 360 степени. -Ако тие би прифатиле една ваква дефиниција, не сфаќаат колку ќе бидат растргнати македонските официјални политичари и историчари затоа што гледате дека и тука постојано се појавуваат разни групи, писма, петиции, дека се распродава Македонија, дека го продадовме и Гоце Делчев и сето тоа, рече Георгиевски. Поранешниот премиер кој за себе вели дека во Бугарија важи за пријател, вели дека не може да се начуди на ваквиот однос на соседите и дека, според него, се работи за некои суети на луѓето кои се во комисијата од бугарска страна. Вели дека гледале една фактографија, и дека не ја гледаат македонската приказна која овде егзистирала 70-80 години  и колку е тешко на еден историчар, на еден политичар, притоа премиер, претседател на држава, да кажат дека Гоце Делчев е заеднички херој. - Мислам дека тие како да ја немаат правата информација која е нашата реторика по ова прашање, која е македонската приказна, како да не сакаат да разберат дека до пред три години никој во Македонија тоа не смееше да го каже, нагласи Георгиевски. Претседателот на ВМРО - Народна партија во интервјуто истакнува дека  нашите односи со Бугарија во минатото во одреден период биле многу поблиски од тоа што се презентира и порачува кој сака да ја проучува македонската историја да оди во Македонскиот архив и да ги земе сите книги за македонската историја објавени во времето на Зоран Тодоровски. -Проблемот не е само заради препрочитување на македонската историја заради тоа што треба да направиме договор со Бугарија, туку заради нас самите. Ние се одрекуваме од една огромна богата историја само затоа што врската со Бугарија ја гледаме многу јако. Дури се одрекуваме и од жив народ затоа што себеси се декларира како македонски Бугари, вели Георгиевски. Запрашан за тоа дали се согласува со пристапот кој вели дека до 2 август 1944 се било бугарско, а од тој момент почнува создавањето на македонската нација и тогаш е донесена одлука за кодификација на македонскиот јазик, Георгиевски вели дека не се согласува со таа позиција. бк/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан