• сабота, 21 декември 2024

Генералниот секретар на германските социјалдемократи поднесе оставка поради здравствени проблеми

Генералниот секретар на германските социјалдемократи поднесе оставка поради здравствени проблеми

Берлин, 7 октомври 2024 (МИА) - Генералниот секретар на владејачките социјалдемократи во Германија, Кевин Кинерт, денеска објави дека поднесува оставка поради здравствени проблеми, пренесува ДПА.

Триесет и пет-годишниот политичар во писмо до членовите на партијата и јавноста го најави своето повлекување, додавајќи дека нема да се кандидира за пратеник на националните избори следната година.

- Во догледна иднина ќе морам да ја користам енергијата што би ми била потребна за позицијата и предизборната кампања, за да закрепнам, изјави тој и додаде дека одлуката е болна, бидејќи вложил „срце и душа во својата работа“.

СДП е партијата на канцеларот Олаф Шолц, кој владее во коалиција со Зелените и Либералната демократска партија.

Кинерт е генерален секретар на СДП од 2021 година, кога беше избран и за член на Бундестагот. Претходно, тој се стекна со популарност како претседател на младинската организација на СДП - Младите социјалисти. ссм/

фото: архива

Остани поврзан