• петок, 22 ноември 2024

Гаснењето на пожарот кај Богданци продолжува рано наутро

Гаснењето на пожарот кај Богданци продолжува рано наутро

Скопје, 3 август 2023 (МИА) - Гаснењето на пожарот кај Богданци продолжува утре околу 06 часот. На помош се повикани пожарникари со теренски возила од Штип и Кавадарци, а според најавите од Центарот за управување со кризи, во гаснењето на располагање ќе бидат и три „Ер трактори“, два хеликоптери од МВР и еден од Армијата. 

- Постои можност пожарот да се локализира во утринските часови без употреба на летала, стои во вечерашната информација од ЦУК.

Оттаму посочуваат дека не е во опасност ниту едно населено место. 

Гори нискостеблеста шума, грмушки и трева. До попладнето беа изгорени околу 500 хектари. 

Градоначалникот на Богданци Блаже Шапов за МИА изјави дека пожарот поминал покрај ветерниците, но не предизвикал штета.

-Со гаснење ќе продолжиме утре рано, а во текот на ноќта на местото на пожарот ќе останат дежурни екипи. Се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе успееме да го ставиме пожарот под контрола и да га изгаснеме, изјави Шапов.

Пожарот кај Богданци избувна денеска околу 11 часот во месноста Брдаров камен, веднаш до препумпната станица на Хидросистемот „Дојранско Езеро“. Во гаснењето покрај пожарникарите од Дојран, Валандово и тим од Дирекцијата за заштита и спасување беа вклучени и два „ер трактори“ и еден хеликоптер од МВР. Од МВР информираа дека нивниот хеликоптер исфрлил 17 тони вода. бак/рт/

Фото: ЦУК

 

Остани поврзан