• петок, 22 ноември 2024

В недела по седми пат ќе се одржи планинарската акција „Милениумска патека“

В недела по седми пат ќе се одржи планинарската акција „Милениумска патека“

Тетово, 8 октомври 2024 (МИА) -  Планинарскиот клуб „Јелак“ на 13 октомври (недела), по седми пат ја организира веќе традиционалната планинарско-рекреативна акција „Милениумска патека“ на падините на Сува Гора, која тргнува од селото Блаце и завршува во селото Волковија. Групата од Тетово ќе тргне со организиран превоз од пред Центарот на културата во 8 часот, а поаѓањето на колоната во Блаце е предвидено за во 9 часот. Во 14:30 часот е предвидено пристигнување на целта – црква „Св. Мина“, во Волковија со што се завршува акцијата.

- Акцијата спаѓа во лесни планинарско-рекреативни тури. Погодна е и за почетници, рекреативци и вљубеници во природата со минимум кондиција за движење, а поради туристичкиот и едукативен карактер интересна е и поискусни планинари. Поканети се сите поединци, планинарски клубови и друштва, информира Борис Стојановски-Цули, претседател на ПК „Јелак“.

Патеката има повеќе карактеристични точки. Се тргнува од Блаце, ширината во центарот на селото на 600 метри надморска височина и се оди кон црква „Св. Троица“ – Блаце (720 м н.в.) – изграден врз археолошки локалитет „Самовилска вода“ од старохристијанско време, кој опфаќа и извор кој според преданијата има лековито дејство.

- Следува црква „Св. Петка“, атар на с. Стенче – сместена на рид (880 м н.в.), како и археолошки локалитет – месност „Граиште“, с. Стенче (неолитска населба со наоди кои датираат од IX век п.н.е). Колоната потоа оди до црква „Св. Илија“, с. Стенче, црква „Св. Екатерина“, Стенчевска чука – видиковец кон Полог и Шар Планина, црква „Св. Георги Победоносец“, Волковска чука – сместена во некогашниот Волковски манастир кој датира од XIV век каде има движење низ пределот каде е сниман култниот македонски филм „Македонска крвава свадба“. Целта на крајот е црква „Св. Мина“, село Волковија, каде ја завршуваме акцијата, информира Стојановски.

Секој учесник во акцијата треба да има лесни планинарски чевли, како и сопствена храна и вода доволни за 4-5 часа. Патеката е маркирана со стандардна планинарска маркација и патокази, но задолжително е движење во колона според насоките на организаторот и водичите од клубот. Пријавувањето е во клубот „Јелак“ до сабота на пладне. ас/дма/

Фото:МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан