• понеделник, 23 декември 2024

Вучиќ: Ќе се борам масовните убијци и тие што ги вооружиле да добијат најстроги можни казни

Вучиќ: Ќе се борам масовните убијци и тие што ги вооружиле да добијат најстроги можни казни

 

Белград, 23 мај 2023 (МИА) –Срспкиот претседател Александар Вучиќ, кој денеска ги посети семејствата на жртвите од масовното убиство во Дубона и Мали Орашје крај Младеновац, во Дневник РТС изјави дека разговарал со родителите кои изгубиле и син и ќерка, јави дописникот на МИА од Белград.

-Единствено што можев да им кажам е дека како граѓанин и како претседател, за оној што тоа го направил и оние што го вооружиле и што му помогнале, ќе барам најтешка можна казна, рече Вучиќ.

Тој напомена дека нема директно да се меша во ништо, туку дека ќе се бори политички за сторителите на двете масовни убиства да добијат максимални казни.

Што се однесува до изборите, Вучиќ оцени дека тоа се реална опција.

-Кога некој на еден или друг начин го оспорува легитимитетот, тогаш тоа е најдобриот начин, посочи Вучиќ.

Тој порача дека нема да го даде мандатот на никој што по наредба однадвор ќе формира некаква преодна влада.

-Со оваа земја ќе управуваат оние кои ќе ја добијат довербата на народот, рече Вучиќ.

Вучиќ, говорејќи за протестите „Србија против насилството“ и собирот што го најави за сабота, рече дека по двете масовни убиства луѓето се згрозени и исплашени, што е логично и дека бараат виновник за се и секого, и дека на протестите присуствуваа голем број луѓе кои сакаат да сменат нешто, да ги направат своите деца побезбедни.

Тој оцени дека на оние кои внимателно ги следат политичките активности им станало јасно дека тоа се обиделе да го искористат политичарите од поранешниот режим или опозицијата, на теми на кои тоа не треба да се прави.

-Мислам дека ќе ѝ се обратам на Србија со долгорочен план и ќе покажам како можеме да излеземе од сето ова, изјави Вучиќ на РТС.

об

Остани поврзан