• петок, 05 декември 2025

Втор ДИА камп за едукација на деца и млади со дијабетес тип еден

Втор ДИА камп за едукација на деца и млади со дијабетес тип еден

Скопје, 5 септември 2025 (МИА) - Почнува вториот ДИА камп за едукација на деца и млади со дијабетес тип еден, што ќе се одржува до 8 септември во Берово. Како што информираат од Сојузот на здруженија на дијабетичари на државава, кампот има генерална цел - интензивирана едукација на деца и млади за квалитетно менаџирање на дијабетесот.

- Во целите на оваа програма, терминот „камп“ е дефиниран како програма за млади кои воспоставуваат и ја прошируваат мрежата за поддршка меѓу врсниците и на тој начин го подобруваат менаџментот на нивната состојба. Кампот е организиран како едукативна активност на локација што е различна од секојдневната, односно подалеку од домот, училиштето или другите вонучилишни активности, се појаснува во соопштението.

Кампот за дијабетес може да им користи на младите и за одржување на врснички групи со други млади кои живеат со дијабетес, воспоставување на систем за поддршка меѓу младите и семејствата, подобрување на вештините за управување со дијабетес и зголемување на самодовербата, обука на волонтери за едукација за дијабетес како и помагање волонтерите да го разберат опсегот и влијанието на дијабетесот врз младите и нивните семејства.

- Вклучувањето на децата од различни региони на Северна Македонија е нов предизвик за стручниот тим да ја разгледа различноста на потребите и едукацијата во однос на Т1 кај нашата млада популација, се потенцира во соопштението.

Подготовката и планирањето на овој значаен настан, како што се наведува, биле спроведени во соработката со Министерството за здравство, Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетологија и метаболни состојби - Скопје и Научното здружение на ендокринолози, дијабетолози на државава. бд/бак/

Фото: Принтскрин / diabetes.mk

Остани поврзан