• сабота, 23 ноември 2024

Втор ден од мировниот самит за Украина во Швајцарија

Втор ден од мировниот самит за Украина во Швајцарија

Бургеншток, 16 јуни 2024 (МИА) - Во швајцарскиот град Бургеншток продолжува мировниот самит за Украина, кој почна вчера.

Во нацрт-комуникето од мировната конференција, како што објави Ројтерс, а пренесе БТА, се повикува на почитување на територијалниот интегритет на Украина. За конечната верзија на текстот ќе се разговара денеска.

Швајцарската претседателка Виола Амхерд изјави дека од самитот ги очекува првите конкретни чекори кон мирот.

Вчера, пред почетокот на самитот, таа прецизираше дека само три точки од мировниот план ќе бидат на дневен ред на самитот: нуклеарна безбедност, безбедност на храна и хуманитарни прашања - воени затвореници и враќање на украинските деца од Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Украина на вториот мировен самит ќе и претстави на Русија конкретни мерки за постигнување мирно решавање на конфликтот во Украина.

Зеленски рече дека Русија не е заинтересирана за мир и дека учесниците на самитот треба заедно да одлучат како да се постигне мир „на вистински траен начин“ и во согласност со Повелбата на ОН, пишуваат украинските медиуми.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, пак, се изјасни за вклучување на Русија во мировниот процес за Украина.

-Точно е дека мирот во Украина не може да се постигне без вклучување на Русија, нагласи синоќа Шолц.

Американската потпретседателка Камала Харис вчера изјави дека рускиот претседател Владимир Путин, кој во петокот ги претстави условите за преговори, не повикал на мировни преговори, туку, како што наведе, на предавање на Украина.

Харис рече дека САД ќе продолжат да работат на постигнување праведен и траен мир, заснован на принципите на Повелбата на Обединетите нации и волјата на народот на Украина.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека војната во Украина е глобален проблем, додавајќи дека клучните теми на конференцијата околу кои е важно да се соберат сите светски лидери се „безбедноста на храната, нуклеарната безбедност и хуманитарните прашања“.

Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека Путин не е заинтересиран за мир и дека започнал дипломатска кампања против самитот во Швајцарија.

Русија не беше поканета на самитот, но швајцарската влада, како домаќин на самитот, изјави дека состанокот ќе има за цел „заеднички да дефинира патна карта“ за тоа како да се вклучат Москва и Киев во идниот мировен процес.

Русија го отфрли самитот како губење време, а на самитот не учествува ниту Кина, која посочи дека мировните преговори немаат никакво значење доколку на нив не учествуваат Русија и Украина. мс/

фото: ДПА

Остани поврзан