• четврток, 19 март 2026

Врхововен ја потврди пресудата, 13 години затвор за Васил Јованов за прегазувањето на Фросина Кулакова

Врхововен ја потврди пресудата, 13 години затвор за Васил Јованов за прегазувањето на Фросина Кулакова

Скопје, 18 март 2026 (МИА) - Врховниот суд го одби барањето за вонредно преиспитување на пресудата на Васил Јованов, кој минатата година на пешачки премин во Скопје ја усмрти Фросина Кулакова. Со оваа одлука казната затвор од 13 години останува во сила, а осудениот повеќе нема правни можности за нејзино намалување.

Во соопштението објавено на веб-страницата на судот се наведува дека одлуката е донесена по одржана седница на советот на 11 март годинава, со што се потврдува 13-годишната затворска казна за Јованов.

- Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека, постапувајќи по кривичниот предмет КВП2-22/26, по одржаната седница на советот на 11.3.2026 година, донесе пресуда со која се одбива како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено од осудениот В. Ј. од С., преку неговиот бранител, против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К-780/25 од 13.5.2025 година и пресудата на Апелацискиот суд Скопје КЖ-696/25 од 27.10.2025 година, со која е огласен за виновен за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 в.в. член 297 став 1 од Кривичниот законик и осуден на казна затвор во траење од 13 (тринаесет години) - информираат од Врховниот суд.

Васил Јованов првично беше осуден на 12-годишна затворска казна од Основниот кривичен суд Скопје, па Апелацискиот суд Скопје му ја зголеми казната за една година.

Јованов на 29 јануари 2025 година, управувајќи возило „пежо 207“, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удрил во 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот Партизански одреди, при што таа починала на самото место. дма/вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан