• понеделник, 23 декември 2024

Временските услови ја отежнуваат потрагата по хеликоптерот на Раиси

Временските услови ја отежнуваат потрагата по хеликоптерот на Раиси

Техеран, 19 мај 2024 (МИА) – Потрагата по паднатиот хеликоптер со кој се патуваше иранскиот претседател Ебрахим Раиси е отежната од густата магла, обилните врнежи од дожд, силниот ветер, како и темнината. Се очекува температурата да се спушти под нула степени.

Претходно, командантот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) во Источен Азербејџан, Асгар Абасголизадех изјави дека ИРЦГ откриле сигнал од хеликоптерот и од мобилен телефон на еден од екипажот на местото на инцидентот.

- Во моментов, заминуваме со сите воени сили во областа и се надевам дека ќе им дадеме добри вести на луѓето, посочи Абасголизадех.

Иранските власти пред околу десет часа изгубиле контакт со хеликоптерот во кој имало деветмина. Со Раиси патувале и шефот на иранската дипломатија Хосеин Амирабдолахиан, гувернерот на иранската покраина Источен Азербејџан, Малек Рахмати, ајатолахот Мохамад Али Але-Хашем и претставник на ајатолахот Али Хамнеи во Источен Азербејџан.

Хеликоптерот на Раиси леташе по иста рута со уште два хеликоптера, кои безбедно се вратија во градот Табриз. Инцидентот се случи во близина на градот Џолфа, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран. Поточно, хеликоптерот се урна во шумата Дизмар и планинскиот округ помеѓу селата Узи и Пир Давуд.

Додека трае потрагата по урнатиот хеликоптер Иранците ширум земјата се молат за Раиси.

Голем број земји понудија помош на Иран во потрагата по хеликоптерот, меѓу кои и Турција, Русија, Ирак, Азербејџан, Саудиска Арабија, Катар, а Европската комисија на барање на Иран ја активираше услугата за сателитско мапирање „Коперник“.

Согласно Уставот на Иран ако претседателот почина за време на функцијата, првиот потпретседател ја презема функцијата, со потврда на ајатолахот, кој го има последниот збор за сите државни прашања.

Советот, кој го сочинуваат првиот потпретседател, претседателот на Парламентот и првиот човек на судството, мора да организира избор на нов претседател во рок од најмногу 50 дена.

Раиси за претседател е избран во 2021 година, претседателските избори треба да се одржат во 2025 година.

Раиси (63) е еден од најконтроверзните претседатели на Иран ултраконзервативни политички ставови. Тој на 25 години стана заменик-обвинител во Техеран, а кариерата ја продолжи во правната сфера, а во 2014 година беше именуван за јавен обвинител на Иран. Во 80-тите и 90-тите години додека беше заменик обвинител и обвинител ја надгледуваше егзекуцијата на илјадници политички дисиденти и затвореници. Меѓународните организации за човекови права и специјалните известувачи на Обединетите нации го обвинуваат за злосторства против човештвото, а е под санкции на САД.

Раиси во 2021 година победи на избори со најмала излезност во историјата на Исламската Република. Тој е многу близок со врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, а според некои аналитичари тој можел да го замени 85-годишниот ајатолах по неговата смрт или по повлекувањето од функцијата.

Откако Раиси е претседател, Иран збогатува ураниум до нивоа речиси на оружје и ги попречува меѓународните инспекции на неговите нуклеарни локации. Иран на 13 април Иран изврши масовен напад со беспилотни летала и ракети врз Израел во знак на поддршка на Хамас во војната во Појасот Газа. Иран испраќа оружје за Русија во нејзината војна против Украина, а и да ги вооружува јеменските бунтовници Хути и либанската група Хезболах. ми/

фото: Икс

Остани поврзан