• понеделник, 23 декември 2024

Вредна древна монета од 69. година вратена во Израел

Вредна древна монета од 69. година вратена во Израел

Њујорк, 14 септември 2022 (МИА) - Пo речиси 20 години барање на повеќе континенти и истрага на бројни детективи, пронајдена е ретката монета од пред 2.000 години, со богата симболика, вредна милион евра, и конечно таа е вратена во Израел, од каде што потекнува.

Израелската управа за антиквитети (ИУА) влезе во трага кога од добро информирани извори дозна дека паричката ја зеле Палестинците... Станува збор за сребрена монета, ископана во долината Ела, јужно од Ерусалим, која е дел од историјата бидејќи била кована за време на Големото еврејското востание, поточно во 69 година н.е. Во 2002 година артефактот беше украден од Израел, но на крајот е пронајден и вратен во земјата. ИУА потроши 15 години обидувајќи се да ја пронајде паричката, што минала низ бројни нелегални пазари за антиквитети во Израел, Јордан и Велика Британија. На крајот таа е извезена во САД, каде што беше понудена на аукција во Денвер, Колорадо, 2017 година. Следи координацијата со американските власти, по што е покрената истрага. Така, вредниот предмет завчера ѝ беше предаден на Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетн (Њујорк), при што присуствуваше и амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан. - Ковањето монети ја означило еврејската независност во земјата на Израел. Со нашите партнери денес се здружуваме за да го вратиме ова неверојатно ретко парче израелска историја - паричка со вредност од четвртина шекел, симбол на независноста од времето на римското присуство во она што сега е современ Израел!, изјави агентот Рики Џеј Пател, кој водел дел од истрагата во САД. Сребрената паричка со издлабени еврејски мотиви е една од само четирите засега познати монети од ваков вид. ИУА ја датира во 69 година н.е. - четвртата година од Големото востание - побуна на Евреите од Јудеја против власта на Римската Империја.  си/сд/

Остани поврзан