• понеделник, 23 декември 2024

Враќањето на државните кампањи на прва јавна расправа, не присуствуваа повеќето медиумски здруженија, меѓу кои и ЗНМ

Враќањето на државните кампањи на прва јавна расправа, не присуствуваа повеќето медиумски здруженија, меѓу кои и ЗНМ

Скопје, 19 јули 2023 (МИА) - Повторното враќање на државните кампањи за теми од јавен интерес во медиумите, распределбата на финансиите по тој основ и составот на телото што ќе одлучува за тоа и одредбите за реемитување на програмските сервиси за регулирање на авторските и сродни права, беа во фокусот на првата јавна расправа за втората фаза од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, што се одржа денеска, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација. 

На расправата не учествуваа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС) Здружението на регионални и локални медиуми „Медиум Објектив“ и Институтот за комуникациски студии (ИКС), кои како што соопшти ЗНМ, се против владините кампањи во медиумите.

-Ваков тип закони се сензитивни секаде во светот, уште повеќе се сензитивни во држави каде е ниска довербата помеѓу институциите и затоа сакавме да бидеме целосно отворени и да ги слушнеме сите засегнати страни, рече ресорниот министер Азир Алиу.

Тој информираше дека до почетокот на расправата се доставени 17 забелешки и коментари во писмена форма за предложените измени. Изрази жалање што во дебатата не се приклучија сите засегнати страни и рече дека очекува учество од сите на следната дебата со цел се подобри текстот на предложениот закон. 

Со Предлог законот е дефинирано дека државна кампања содржи исклучиво информативно - едукативни пораки и комунуикација со јавноста и е насочена кон голем број луѓе во одреден временски период за да се обидат да генерираат специфични резултати или да постигнат предодредени цели, при што на јавноста ќе и се обезбедат потребните информации за причината на самата Државна кампања. За државна кампања нема да се сметаат и нема да бидат дозволени теми поврзани со историјата, религијата, политички и дипломатски активности, не се теми кои се поврзани за одредени личности и настани и активности од минатото кои се веќе завршени, како ниту теми кои ги промовираат услугите или политиките на властите на централно или локално ниво ( Владата или општините ), како ниту теми поврзани со партиски активности.

Според Предлогот, Владата  има обврска во текот на една календарска година да спроведе најмалку една, а најмногу четири државни кампања на централно ниво. Средствата добиени од државните кампањи, медиумите ќе ги користат и за дигитализација и унапредување на работниот процес, како и за подобрување на стандардот и условите на медиумските работници.

Финансирањето на кампањите од државни кампањи на централно ниво се обезбедува од државниот Буџет во висина од задолжителни 0,1 процент од реализираните вкупни приходи во годината која претходи на фискалната година за која се утврдува износот. Распределбата на средствата предвидува најмногу 7 проценти да се наменат за избор на продукциски куќи за изработка и продукција на идејни решенија и финални реализации на државни кампања, најмалку 93 проценти за реализација на државни кампања. Од предвидените средствата за емитување на државни кампања 75 проценти се наменуваат за државни кампања кои ќе се емитуваат само на телевизии на државно ниво преку оператор на дигитален терестријален мултиплекс, а 25 проценти се наменуваат за државни кампања кои ќе се емитуваат само на телевизии на државно ниво преку оператор на јавна електронска комуникациска мрежа, и преку сателит. Со Предлог законот се допрецизираат и одредбите за реемитување на програмските сервиси кои се однесуваат за регулирање на авторските и сродни права на територија на Република Северна Македонија. Посебен дел од законот е предложен и за спроведување на државна кампања на локално ниво.

Дел од присутните на јавната расправа дел го поздравија враќањето на државните кампањи, а беа изнесени и укажувања за опфатот на субјектите со поддршката, процентот за распределба, кој ќе ги одредува темите за кампањите...

Според Иван Мирчевски од Македонската медиумска асоцијација, „државата конечно сфатила дека не можеме да биде единствена земја во Европа која ги забрани кампањите од јавен интерес“.

 -Државата сега повторно ги враќа со некои строги правила кои сметаме дека се  добри. Мора да се знае како се трошат парите на граѓаните, изјави Мирчевски. Посочувајќи дека од страна на Делегацијата на Европската комисија во Скопје постојано им било посочувано да ги гледаат позитивни европски пракси додаде дека Велика Британија, кога ги почнала кампањите од јавен интерес била дел од ЕУ и за наредната година алоцирала над милијарда фунти за таа намена.

-Во Хрватска распределбата е 85 проценти кај националните терестријални телевизи,  а 15 проценти само кај регионални, не кај локалните. И ние бараме 85  проценти со 15 проценти, особено ако ги гледате последните анализи и импактот од телевизите во однос на сите други медиуми и оние кои мислат дека се медиуми, а не се и за жал ќе треба да се промени и законот за медиуми, рече Мирчевски. 

Тој оцени дека предложените одредби се многу благи и може да бидат поригорозни, особено во делот на справувањето со пиратеријата која рече дека е главна причина за дисторзијата што се случува на медиумскиот пазар. 

Враќањето на државните кампањи го поздрави и претседателката на Македонската асоцијација на новинари, Ивона Талевска, која смета дека ќе се распределуваат согласно со интересите на јавноста и гледаноста на терестријаните телевизии, како и радијата во државава. Таа го поздрави и делот што се однесува и за регулирање на пиратеријата. 

На расправата беа изнесени и критики за составот на  Комисијата за одлучување за државните кампањи што ќе треба да ја формира Собранието, а во која, според предлогот на МИОА, би членувале по тројца пратеници од власта и од опозицијата.

Според Петрит Сарачини од Институтот за медиуми аналитика, предложениот модел за составот на Комисијата води кон опасност од политизација и закочување на процесот на распределба и воопшто имањето на кампањи што се во функција на остварување на јавниот интерес.

-Може да се случи  распределбата да биде закочена во таа собраниска комисија имајќи ја предвид политизираноста во нашето општество и може да се доведе во ризик и целото постоење на ова тело. Предлагаме телото кое ќе одлучува за  тие средства да биде непартиско и составено од  лица од фелата, а одлуката за тоа кои се теми од јавен интерес за кои треба да се спроведуваат кампањи да се носи во Собранието, а на тоа да претходат јавни расправи со учество на разни политички актери и да се дискутира за тоа која тема е важна за да има кампања за неа, изјави Сарачини. 

Дел од учесниците на дебатата предложија со законот да биде пропишана и обврска за корисниците во годишните извештаи да објават за што ги потрошиле парите од кампањите, а доколку не ги искористат за пропишаните цели да не можат да аплицираат за други средства. Меѓу барања се со кампањите на државно ниво да бидат опфатени нациналните радија, како и дигиталните платформи.

ЗНМ во име на професионалните новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор кои не учествуваа во јавната расправа соопшти дека се против повторното воведување на праксата на трошење јавни пари во приватните медиуми, што, како што наведоа, во минатото се покажа како погубна за независната уредувачка политика на овие медиуми, за независното новинарство и за состојбата на медиумскиот пазар.

-Ние сме против законски решенија кои го фаворизираат само интересот на дел од приватниот медиумски сектор и ја занемаруваат критичката улога на новинарството во демократијата и јавниот интерес на сите граѓани. Нагласуваме дека овие решенија се во целост спротивни на стандардите на Европската комисија, а особено на новата предлог – Регулатива за слободата на медиумите во која е јасно наведено дека европскиот пазар се нарушува со нетранспарентната и неправична распределба на јавни средства за државно огласување, особено кога тие средства преференцијално се доделуваат на водечки национални медиуми или се користат за тајно фаворизирање или субвенционирање на медиуми кои пренесуваат ставови блиски на актуелната власт, информира ЗНМ.

Измените на Законот за АВМУ, што беа опфатени со првата фаза вчера добија поддршка во Собранието, а се однесуваа на исполнување на обврските на државата за да може да користи финансии од Програмата „Креативна Европа“. МИОА најави интервенции и во Законот за медиуми, во делот за регулирање на работата на порталите. лв/ац/

фото: МИА, МИОА

 

Остани поврзан