• сабота, 23 ноември 2024

Врачена наградата на деветтолетката од Жировница за роботот „Јас сум Здравко"

Врачена наградата на деветтолетката од Жировница за роботот „Јас сум Здравко
Дебар, 10 ноември 2022 (МИА) - На Основното општинско училиште „Јосип Броз Тито"  од село Жировница, општина Маврово и Ростуше му беше врачена првата награда освоена на иновацискиот предизвик за основните училишта на тема „Изум кој ќе го направи светот подобро место за живеење“ што го организираше НЛБ банка.
- Макетата на паметен робот „Јас сум Здравко" го освои првото место и награда од 3.000 евра, која ни ја врачи Бранко Грегановиќ, претседател на Управниот одбор на банката. Голема благодарност за наградата и вистински вреднуваниот труд, како и за  креативноста, вложените труд и време на нашите  ученици и наставници што се крунисани со успех, информираа од училиштето.
Името му е избрано затоа што асоцира на здравје и здрава животна средина, а идејата е Здравко да може да собира, рециклира и да чисти отпад.
Направен е генерално од стара хартија, има посебни кутивчиња за селекција на отпад во различни бои и украси што му даваат пријателски лик.
Додека од макета да прерасне во вистински паметен робот, Здравко стои во училишната зграда во Жировница да ги потсетува децата и возрасните дека треба да развиваат еколошки навики и да се грижат за животната средина.
Честитајќи им го овој голем успех градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, порача дека и понатаму како локална самоуправа ќе продолжат со поддршката за сите училишта и талентирани млади. вт/свс/

Остани поврзан