• петок, 05 декември 2025

Во штипските училишта реализирани инвестиции пред стартот на новата учебната година

Во штипските училишта реализирани инвестиции пред стартот на новата учебната година

Штип, 30 август 2025 (МИА) – Во штипските основни и средни училишта во текот на летото имаше низа на инвестиции, кои ќе продолжат и до крајот на годината. Снежана Санева раководител на Сектор за образование, јавни дејности и ЛЕР во Општина Штип вели дека изминатите месеци се извршија низа активности во делот на реконструкција, нова инфраструктура, опремување на училиници со цел подобрување на условите за настава и за учениците и за наставниот кадар.

-Во Општинско основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“ беа набавени клима уреди, десет компјутери, две смарт табли и два телевизори. Во ООУ „Гоце Делчев“ беше набавен озонер кој ќе го прочистува воздухот во целото основно училиште, беа набавени три клима уреди, исфарбани се заштитните делови од ѕидот на училиштето, набавена е опрема за озвучување и 3Д принтер. Во ООУ „Димитар Влахов“ се набави дел од мебелот, кој е неопходен за подобрување на условите, а тоа се шкафчиња, а треба да започне и реконструкција на спортската сала, изјави Санева.

Таа посочи дека се работеше и во дел од средните училишта, кои што се подготвени  да ги пречекаат средношколците на 1 септември.

-Се работеше во СОУ „Славчо Стојменски“ каде се направи целосна реконструкција на кровот. Во СОУ „Коле Нехтенин“ се извршуваат подготовки за трансформација на училиштето во регионален центар, рече Санева.

Најави дека и во текот на учебната година се предвидени активности во училиштата. Во СОУ „Јане Сандански“ е предвидено промена на фасадата со цел училиштето да биде целосно енергетско ефикасно, а ќе се реконструира и спортската сала во ООУ „Димитар Влахов“. вдј/вј/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан