• недела, 22 декември 2024

Во штипската населба Железничка се асфалтираат четири улици

Во штипската населба Железничка се асфалтираат четири улици

Штип, 7 ноември 2023 (МИА) - Завршуваат градежните активности од тековната фаза за фекална канализација во штипската населба Железничка, а денеска започнаа активностите за тампонирање на четири улици, најави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој посочи дека со повеќе од еден милион денари жителите Горна Железничка од овие улици во следните неколку дена ќе добијат асфалт.

-Ги завршивме потребните активности, сега веќе се навлегува во фаза за припрема за асфалтирање на улиците коишто досега не биле асфалтирани и овдешните жители газеле во кал и прашина. Во наредните денови, согласно со временските прилики, овде ќе се тампонираат улиците и ќе се асфалтираат овие површини коишто ќе овозможат посовремен пристап до домаќинствата коишто со години наназад живееле во супстандарди во 21. век, вели Јорданов.

Тој најави дека активности за изведба на фекалната канализација и асфалтирање улици ќе продолжат и во Долна Железничка, каде ќе се работи до крајот на годината, согласно со временските услови за градежни активности.

-Во наредните месеци исто така се планираат активности и во Долна Железничка, каде некои домаќинства имаат проблем со фекалната канализација и со асфалтирање на одредени улици, така што очекувам до крајот на оваа година граѓаните кои имаат децениски проблеми, проблеми со канализацијата, со улиците, веќе ова прашање да го имаат надминато, да имаат модерни и посовремени услови за секојдневен живот, рече Јорданов.

Проектот за канализациската мрежа е вреден повеќе од 20 милиони денари, коишто го решаваат проблемот на физичките и правните лица. За потребите на втората фаза од проектот пред два месеца Општината распиша и тендер за колекторската цевка. Планираниот рок за завршување на двете фази е до крајот на годинава, кога и треба да биде пуштена во употреба. вдј/дма/

Фото: МИА  

Остани поврзан