• недела, 22 декември 2024

Во штипската касарна „Јане Сандански“ промовирани новите лесни оклопни возила JLTV

Во штипската касарна „Јане Сандански“ промовирани новите лесни оклопни возила JLTV

Штип, 21 јуни 2023 (МИА) - Модернизацијата на македонската Армија којашто се одвива согласно долгорочните планови, со кои сакаме да ги исполниме нашите заложби, односно да ги исполниме планираните цели на способности на НАТО, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска на презентацијата на новите лесни оклопни возила JLTV на Армијата во штипската касарна „Јане Сандански“, на која присуствуваа и амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер и началникот на армискиот Генералштаб, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Министерката Петревска истакна дека по шест возила од овој тип испорачани минатата годна, оваа година добивме уште 26, кои веќе се ставени во употреба и припадниците на Армијата соодветно се обучуваат за нивно користење.

- Во текот на наредниот период ќе следува испорака на уште вакви возила, се со цел да се комплетира и да се опреми со соодветно вооружување и опрема Лесната пешадиска бригада, која што всушност е наша НАТО декларирана  цел, истакна Петровска.

Таа забележа дека не може да имаме силна Армија ако има само опрема и вооружување, а без притоа да се обрне внимание и на човечкиот потенцијал.

- Како што напомнав во претстојниот период ќе следи повторно отворање на Законот за служба во Армијата. Минатата година јавноста беше информирана за сериозни исчекорувања и подобрување на тој Закон, рече Петревска.

Амбасадорката Агелер истакна дека ова е многу важен ден, посочувајќи дека  возилата  ќе бидат од голема корист за зголемување на интероперабилноста во рамките на НАТО. Таа додаде дека ова е навистина добар чекор во правец на понатамошниот процес на модернизација на Армијата.   

- Би сакала да истакнам дека имаме навистина прекрасни партнерства тука во Северна Македонија со претставници од Владата, министерката за одбрана и други претставници во земјата со коишто имаме навистина одлични односи и ние ќе продолжиме со нашите заложби да обезбедуваме секаков вид на помош за ова партнерство и соработка да продолжат понатаму, рече Агелер.

На презентацијата на новите оклопни возила, на која се обрати и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, присуствуваа и членови на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.

По настанот беше организирана кратка показна вежба со најновите и најсофистицирани оклопни возила на Армијата. Тие се дел од процесот на модернизација и опремување на Армијата со различни високософистицирани возила и опрема. Досега, во два наврати во земјава пристигнаа вкупно 32 возила од овој тип. вдј/сп/

Фото: МИА

 

Остани поврзан