• сабота, 23 ноември 2024

Во Унгарија отворена најголемата фабрика за зелен водород во регионот

Во Унгарија отворена најголемата фабрика за зелен водород во регионот

Букурешт, 12 април 2024 (МИА) – Групацијата МОЛ ја отвори најголемата зелена водородна електрана во Централна и Источна Европа во Сасаломбата, Унгарија, со капацитет од 10 мегавати.

Инвестицијата од 22 милиони евра ќе го направи производството на гориво поодржливо бидејќи фабриката ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид од рафинеријата Дунав за 25.000 тони. Компанија ќе може да произведува 1.600 тони чист, јаглеродно неутрален зелен водород годишно, а со воведувањето на оваа технологија ќе отвори ново поглавје во економијата на водородот.

Производството во новата фабрика ќе почне во втората половина од годинава. И МОЛ првенствено ќе користи зелен водород во сопствената мрежа, при производство на гориво.

Предвидено е изградба на фабрики за зелен водород во Риека и во Братислава.

Новата технологија постепено ќе го замени производствениот процес базиран на природен гас, кој во моментов претставува една шестина од вкупните емисии на јаглерод диоксид на компанијата со седиште во Будимпешта, која е активна во повеќе од 30 земји.

- Групацијата МОЛ достигна уште една пресвртница: сега можеме да произведуваме зелен водород без да испуштаме стакленички гасови. Со оваа технологија, постигнуваме намалување на емисиите што е еквивалентно на отстранување на околу 5.500 возила од патот преку ноќ. Денес нашата нова фабрика за зелен водород ги прави индустриските операции на МОЛ позелени, но утре ќе понуди решенија за целата индустрија и мобилноста на водородот. По Сасаломбата, ќе ја пренесеме технологијата во другите две производствени единици со цел да го направиме процесот на производство на гориво поодржлив во сите рафинерии на Групацијата МОЛ, изјави извршниот директор на компанијата, Јожеф Молнар. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан