• недела, 22 декември 2024

Во Тетово промовирана „Записи од Македонија“ - збирка патеписи и репортажи од Милутин Станчиќ

Во Тетово промовирана „Записи од Македонија“ - збирка патеписи и репортажи од Милутин Станчиќ

Тетово, 13 мај 2024 (МИА) - Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово во соработка со Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје, вчера во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово ја промовираше книгата „Записи од Македонија“ на авторот Милутин Станчиќ. На промоцијата говореа Горан Максимовиќ и Мирјана Бојаниќ – Ќирковиќ, двајцата професори на Универзитетот во Ниш.

-Книгата на Милутин Станчиќ претставува збирка на патеписи и репортажи, кои авторот ги бележел низа години наназад, посетувајќи места, личности, домови, спомен-обележја и сл. поврзани со животот на припадниците на српската заедница која живеела и сé уште живее на овие простори. Милутин Станчиќ е професор по македонска и јужнословенска литература и српски јазик, а дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Книжевноста е негова преокупација уште од студентските денови, па во Центарот „Спона“ се појавува како творец и модератор на многу литературни работилници, на кои се разговарало за познати српски писатели, како и за делата на македонските автори преведени на српски јазик, а организатор е и на бројни трибини, поетски средби, изложби, детски работилници и слично, информираше Соња Андонов, претседателка на Здружението.

Станчиќ во два мандати бил директор на Управата за развој и унапредување на образованието на малцинските заедници во Македонија.

Дел од промоцијата беше настапот на вокалот Драгана Виденовиќ од Лесковац, која изведе неколку традиционални српски песни. ас/мд/

фото: Здружение СМ

 

 

Остани поврзан