• сабота, 21 декември 2024

Во Тетово засадени 146 стебла бела бреза, соработка на Општината и УНОПС

Во Тетово засадени 146 стебла бела бреза, соработка на Општината и УНОПС

Тетово, 17 октомври 2024 (МИА) - Општина Тетово потпиша Меморандум за соработка со Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги УНОПС (UNOPS) што треба да резултира со засадување 946 дрвја во градот. Денеска, во рамки на правата акција, меѓу мостовите на река Пена кај болницата и на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ беа засадени 146 садници од семејството Betula pendula (бела бреза).

Градоначалникот Биљал Касами информираше дека Меморандумот за соработка претставува историски момент поради заложба за зајакнување на борбата против загадувањето и заштитата на животната средина.

Овој проект опфаќа интервенции во системите за греење, садење на дрвја и подобрување на мониторингот на загадувањето. Како дел од проектот на Европската унија за чист воздух, оваа иницијатива е повеќе од програма; тоа е ветување за нас и за идните генерации. Проектот вклучува широк спектар на активности кои ќе ја трансформираат нашата животна средина и начинот на кој се однесуваме кон неа. Промената на системите за греење ќе помогне во намалување на штетните емисии, носејќи ни почист и посвеж воздух. Садењето на 946 дрвја, почнувајќи од денеска со 146 дрвја од видот Betula pendula (бела бреза), ќе донесе видлива промена во нашиот урбан пејзаж, изјави Касами.

Тој информираше дека дополнително се работи на подобрување на мониторингот на загадувањето.

-Со воведување нови уреди кои ќе ни помогнат да ги мониторираме загадувачите кои досега биле надвор од нашето внимание. Овие напори ќе ни овозможат јасна слика за квалитетот на воздухот кој го дишеме секој ден. Денеска, секое дрво што го садиме е симбол на надежта. Тоа нè потсетува на нашата врска со природата и дека секој од нас има улога во нејзиното зачувување. Дрвјата ќе обезбедат сенка и чист воздух, но повеќе од тоа, тие се инвестиција во иднината на нашиот град, посочи Касами. ас/мч/

фото: Општина Тетово 

Остани поврзан