• сабота, 23 ноември 2024

Во тек е втората фаза од доградба на четвртата ламела на старскиот дом во Берово

Во тек е втората фаза од доградба на четвртата ламела на старскиот дом во Берово

Берово, 24 јули 2024 (МИА) – Во рамките на активностите во областа на социјална заштита и грижата за старите лица, во тек се градни работи за реализација на втората фаза од доградбата на четвртата ламела на Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“ во Берово. Со адаптацијата на четвртата ламела како што информираа од Општината, ќе се приспособи простор за сместување на нови 28 корисници.

- Втората фаза опфаќа: внатрешно уредување на објектот, опремување со мебел и друга потребна опрема, инсталирање на електронски мониторинг за следење на здравствената состојба на корисниците. Наскоро се очекува долгата листа на пријавени корисници, да биде намалена за нови 28 корисници, кои ќе добијат соодветно згрижување, со комплетни услови, кои ги нуди нашата установа, информираа од Општината.

Со овие активности Домот за стари лица во Берово ќе добие капацитет од вкупно 67 корисници.

- За адаптација на четвртата ламела, 11.015.000,00 денари, се обезбедени од Министерството за локална самоуправа, 8.948.000,00 се обезбедени преку Регионалните форуми во заедницата, кои ги спроведува Центарот за развој на источно плански регион, со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка SDC, а околу 1.983.268,00 ќе бидат обезбедени од Буџетот на Општина Берово.

Втората фаза од доградбата на четвртата ламела на старскиот дом во Берово ќе заврши со хортикултурно уредување на неговиот надворешен дел. вс/ир

Фото: МИА

Остани поврзан