Во Струмица означен почетокот на кампањата за 16 денови активизам против насилство врз жените и девојчињата
- Со осветлување на општинската зграда во Струмица во портокалово почна кампањата за 16 денови активизам против насилство врз жените и девојчињата.
Струмица, 25 ноември 2025 (МИА) - Со осветлување на општинската зграда во Струмица во портокалово почна кампањата за 16 денови активизам против насилство врз жените и девојчињата.
На настанот, на кој присуствуваа жени-активистки организирани во Здружението „Скај плус“, членови на Советот на Општината и граѓани, беше потенцирано дека оваа кампања за борба против насилството, но и против дигиталното насилство, мора да биде постојана, одлучна и заедничка.
Тоа го потенцираше и градоначалникот Петар Јанков, кој во изјавата за медиумите подвлече дека со осветлувањето на општинската зграда во портокалова боја не е само симболика, туку е опомена, повик и ветување.

-Портокаловата светлина го означува нашиот колективен став дека Струмица е град кој не го свртува погледот од проблемот, туку стои цврсто на страната на жртвите и во одбрана на нивните права. Живееме во време кога насилството не познава само физички простор. Денес, дигиталните мрежи-местата каде што нашите деца учат, се дружат, се изразуваат-стануваат сцена на вознемирување, омаловажување, искористување и контрола. Дигиталното насилство е подеднакво реално и подеднакво болно. И затоа сме тука: да покажеме дека нема да го дозволиме, рече Јанков.
Според Стојне Митева од Здружението „Скај плус“ дигиталниот простор треба да биде безбеден, еднаков и слободен за сите.
-За жал, се поголем број на жени и девојчиња во Македонија се соочуваат со различни форми на дигитално насилство-што од вознемирувачки пораки, навредливи коментари, закани, па се до злоупотреба на фотографии без давање на било каква согласност. Овие напади не се само на интернет. Тие оставаат длабоки траги, предизвикуваат страв, анксиозност, изолација и нарушено чувство на безбедност дури и во реалниот живот, рече Митева.
Инаку, 25 ноември е Mеѓународен ден против насилство врз жените и со него започнува кампањата 16 денови за активизам против насилство врз жените. Кампањата завршува на 10 декември кога се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. рт/сст/