• понеделник, 23 декември 2024

Во Струмица одбележана годишнината од двата Илиндена

Во Струмица одбележана годишнината од двата Илиндена

Струмица, 2 август 2024 (МИА) - Пред споменикот на Гоце Делчев во Струмица денеска, во организација на Општина Струмица, беше одбележан големиот двоен празник Илинден, 121 години од Илинденското востание и 80-годишнината од Првото заседание на АСНОМ.

За историографијата и значењето на двата Илиндена говореше членката на Советот на Општина Струмица, Елена Магеровска Паликарова.

-Илинден 1903 и Илинден 1944 година - двата Илиндена, тоа се двете големи нешта кои го сочинуваат нашиот вековен светоглед. Тоа не прави исклучително горди и таа гордост ја чуваме, негуваме и унапредуваме, пренесувајќи ја на помладите генерации како непроценливо наследство добиено од нашите предци, од нашите татковци, дедовци и прадедовци. Овој голем ден го славиме како Ден на Републиката. Колку тоа убаво и гордо звучи. Тоа е денот, кој со радост го носиме во нашите срца и души, голем ден кој живеел, живее и ќе живее во вековниот македонски споменар. Ден убав, ден значаен, ден на деновите – Илинден, истакна Магеровска Паликарова.

Пред споменикот на Гоце Делчев свежо цвеќе положија претставници на Општина Струмица, како и претставници на институции и политички партии, а стихови за двата Илиндена кажуваа членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица.рт/вј/

 

Фото: Општина Струмица

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан