• недела, 22 декември 2024

Во Србија пронајдени околу 4.780 мигранти кои се криеле во пограничните области

Во Србија пронајдени околу 4.780 мигранти кои се криеле во пограничните области

Белград, 10 ноември 2023 (МИА) - Во акцијата за сузбивање на нерегуларната миграција, која се спроведува во Србија од 27 октомври по наредба на министерот за внатрешни работи, припадниците на МВР пронајдоа околу 4.780 нелегални мигранти кои се криеле во граничните зони во областа Сомбор, Суботица, Кикинда и Пирот, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соработка со Комесаријатот за бегалци и миграции, досега во прифатните центри се пренесени околу 3.300 нерегуларни мигранти.

- Од почетокот на акцијата, преку детален претрес на теренот, стотина полицајци пронајдоа осум автоматски пушки, пет пиштоли, околу 1.640 парчиња муниција од различен калибар, стотина странски пасоши и помала количина наркотици. Дополнително, пронајдени се осум скривалишта каде се криеле мигрантите и шверцерите, се наведува во соопштението на МВР.

Од почетокот на акцијата, полициските службеници контролирале 96.595 возила и 354 објекти, од кои најголем број во Суботица.

Во оваа акција уапсени се осум шверцери, а приведени се уште 139 лица за различни кривични дела.

- Поднесени се 19 кривични пријави за илегално преминување на државната граница и криумчарење луѓе, 11 кривични пријави за оружје, осум кривични пријави за неовластено држење наркотични дроги, како и 12 кривични пријави за други кривични дела, наведуваат од српското МВР.

Исто така, поднесени се 523 прекршочни пријави од Законот за странци, како и 98 прекршоци од Законот за гранична контрола.

Припадниците на Министерството за внатрешни работи, освен на север, засилени активности вршат и на југот на Србија, спречувајќи влез на нерегуларни мигранти од Бугарија и Северна Македонија. Министерството за внатрешни работи ќе истрае во оваа борба се додека не се реши проблемот со нерегуларната миграција и целосно не се прекине синџирот на криумчарење луѓе, се додава во соопштението. об/паг/

Фото: МВР Србија

Остани поврзан