• четврток, 21 ноември 2024

Во Собранието и вечерва дебата за владината реконструкција

Во Собранието и вечерва дебата за владината реконструкција

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) - Во Собранието е објавена пауза на вечерашното продолжение на 104. седница на која се расправа за владината реконструкција, објавена  на барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

-Бидејќи привршуваме со дискусијата по репликите и имаме уште еден, двајца дискутанти и продолжување на седницата за вториот предлог за разрешување, врз основа на член 81 став 2 барам пауза од еден час за да можат пратениците од мнозинството да дојдат и да не убедат која е причината за разрешувањето. Ќе има голем број дискусии, ќе зборуваме и сакам да дојдат  оние кои не се тука цел ден, а бараат да работи Собранието, оставени се пет пратеници да дежураат во името на пратеничката група, рече Мицевски.

Седницата почна пред четири дена, а треба да се заокружи расправата по првата точка - предлогот за разрешување членови на Владата, на досегашните министри за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи. Тие се кадри  на Алтернатива која ја напушти владината коалиција и ќе бидат заменети со министри од Алијанса за Албанците, новиот коалициски партнер во Владата.

Вечерашната дебата ја одбележаа обвинувања од опозициските пратеници за економско, национално и културно предавство, за корупција, уништен здравствен и образовен систем, како и критики за откажувањето на еврообврзницата и за „пазар три коалиција.

Според пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, со сегашната динамика расправата ќе трае четири месеци и ќе биде неуспешен обидот на премиерот за промена на членовите на Владата.

-Велите ВМРО-ДПМНЕ блокира, вие не давате да блокира, вие нудите избор на Влада, велите државата е во криза, итна е работата, а една недела се разговара по само еден предлог за разрешување, а вкупно ги има 15. Со оваа динамика ќе биде минимум околу четири месеци, рече Стојановска, оценувајќи дека ова ќе биде само неуспешен обид на премиерот за промени во на членовите на Владата.

Со Предлогот за промени во владиниот кабинет,  е предвиден избор на четворица нови министри и пет заменици министри.

На стартот на вечерашното продолжение на седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурална реакција го обвини Мисевски за самоволие и злоупотреба на Собранискиот деловник.

Според Мицевски, Мисовски во отуство на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е на службено патување во Словенија, немал право усно да објави продолжување на работата на Собранието и по 18 часот.

Мицевски праша по кој член од Деловникот Мисевски ја продолжил работата на законодавниот дом и посочи дека така можел да постапи само со писмен документ од  Џафери.

Мисовски оцени дека тврдењата на Мицевски се неиздржани. Образложи дека постапил според член 71 став 2 од Деловникот според кој  „во случај на спреченост или отсуство на претседателот, него го менува потпретседателот“.

Како што најави потпретседателот на Собранието Горан Мисевски, седницата ќе продолжи во 21.30 часот. лв/

Остани поврзан