Во Скопје се одржа протестен марш за пожарот во модуларната болница во Тетово
- Под мотото „32 години, 32 години корупција што убива„ претставници на семејствата на 14 луѓе кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово денеска во Скопје одржаа протестен марш поради, како што посочија, незадоволство од работата и постапките на Обвинителството. Протестниот марш почна од пред плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство, каде ги залепија транспарентите.
Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Под мотото „32 години, 32 години корупција што убива“ претставници на семејствата на 14 луѓе кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово денеска во Скопје одржаа протестен марш поради, како што посочија, незадоволство од работата и постапките на Обвинителството. Протестниот марш почна од пред плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство, каде ги залепија транспарентите.
Тие побараа разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовевски со другите обвинители Бесир Алиу, Ханефи Амети, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески, за кои сметаат дека се инволвирани во прикривање на делото. Побараа и отворање на судска постапка за причините на пожарот и повторно постапување и преиспитување на пресудата од судот во Тетово.
Мумин Исмаили, роднина на еден од жртвите истакна дека се додека не се земат во предвид нивните барања, како што посочи, ќе бидат принудени да ја сменат формата на мирните протести.
-Тие, денес, не се меѓу нас само заради тоа што не се почитуваа градежни стандарди. Животот на граѓаните во оваа држава е заложник за пазарење и тендери без критериуми и материјална корист, но се докажа дека корупцијата убива во оваа држава. Сите зборуваат за интеграција во ЕУ и владеење на правдата, но во оваа држава не се почитува најсветото човечкиот живот. 14 жртви - нула дена затвор. Од оваа зграда не видовме ниту П од правда. Токму од оваа зграда се уништува перспективата и надежта за достоинствен живот во оваа земја. Ова Обвинителство е газда за организиран криминал, корупција, зло и олигархија, рече тој.
Исмаили истакна дека довербата во правосудниот систем е нула и посочи дека сме „сведоци на едно тотална неодговорност на криминалното владеење во сите ниво во системот“.
-Тивкото игнорирање на германската експертиза која обвинителот гласно ја бараше претставува скандал и фатален неуспех на правосудниот систем. Културата на неказнивост метастазирала на секое ниво на системот и не знаеме која онкологија може да го излечи ракот што го има зафатено цела Македонија. Бараме отворање на судска постапка за причините на пожарот во која на обвинителна клупа ќе седнат челниците на Министерство за здравство како нарачател и фирмата „Брако“ како победник на тендерот. И повторно постапување и преиспитување на пресудата од судот во Тетово, рече Исмаили.
Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.
На 5 јуни 2023 заврши судскиот процес за кривичните дела поврзани со пожарот во модуларната болница Тетово. Условна осуда добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека, правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“. Судот одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Основното јавно обвинителство Тетово, еден месец подоцна на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сè уште води предистражна постапка во врска со тендерот за набавка на модуларните болници.фф/аа/
Фото: МИА