• петок, 22 ноември 2024

Во Скопје Прв национален саем за храна и пијалаци

Во Скопје Прв национален саем за храна и пијалаци
Скопје, 12 ноември 2022 (МИА) –  Над 200 мали производители - изложувачи на храна и пијалаци и 40 здруженија учествуваат на првиот национален Саем за храна и пијалаци – Вкуси ја традицијата, што денеска во организација на Слоуфуд Македонија со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржува во Градскиот парк во Скопје. -Ова е вистинската слика за тоа што значи оваа наша македонска земја – богатство на вкусови, мириси, бои и богатство за сите сетила. Затоа и манифестации како оваа посветени на македонското земјоделство и гастрономијата, кои ја имаат мојата и владината поддршка, се многу важни, рече премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на саемот. Тој нагласи дека на нашата македонска трпеза се вкрстуваат вкусовите на многу цивилизации кои создале многу уникатни и колоритни превкусни комбинации кои се одамна дел од нашата традиција. - Сето ова кое денес го гледаме и кое ќе имаме можност да го вкусиме, сето ова ние имаме неверојатна можност да ни е секојдневие, и за тоа, сме исклучително благодарни. Јас знам, дека јас сум благодарен. Ова богатство го нема никаде на друго место во светот, рече Ковачевски. Во ова време-невреме во кое живееме, потенцира, веќе јасно согледавме - Домашното производство на храна е приоритет. - Затоа и изминатиов период работевме напорно за да се осигураме дека ќе имаме доволно храна за сите и дека домашното производство на храна е поголемо и стабилно. Да произведуваме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата, посочи премиерот и додаде дека е важно да ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна. Нагласи дека верува оти денешниот саем ќе прерасне во традиција. - Вратите во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во Владата за вас се отворени, за сите сугестии, за сите предлози, заедно да ги дискутираме и да овозможуваме раст на земјоделското производството, им порача Ковачевски на изложувачите на саемот. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски рече дека денешниот саем е пред се, саем на македонските производи, на македонската храна и на македонската традиција. -Би сакал преку денешниов саем - „Вкуси ја традицијата“, да ја испратам клучната порака, да ја почитуваме храната, да си ја чуваме традицијата наследена од нашите баби и дедовци, бидејќи таа е најголем доказ дека овде векувал народ кој со генерации ја пренесувал убавината и радоста на животот. Искрено посакувам, овој саем да има одржливост низ годините, да се развие во култен настан кој ќе ја слави македонската храна и традиција и да прерасне во долгогодишен проект, рече Николовски. Нагласи дека годинава Министерството поддржа 50 различни манифестации и саеми дома и 15 надвор од државата. Претседателот на Управниот одбор на Слоуфуд Македонија, Николче Николовски истакна дека храната има универзална моќ да спојува и да сплотува. -Денешниов ден е историски ден за организациите и здруженијата кои работат во областа на земјоделството и производството на храна и за малите производители кои првпат, здружени заедно, ги презентираат автентичните вкусови на македонското земјоделство и гастрономија. Овој настан е почетна точка во здружените напори да се зачуваат традициите, бројните автентични производи и рецепти, како и руралните средини во кои произведуваат малите производители, рече Николовски. Изрази надеж дека саемот ќе стане традиционален и дека со текот на годините ќе се зголеми бројот на изложувачи.вј/лв/

Остани поврзан