• понеделник, 23 декември 2024

Во Приштина завршна конференција за проектот „Поддршка од ЕУ за КИФ ЗБ6“

Во Приштина завршна конференција за проектот „Поддршка од ЕУ за КИФ ЗБ6“

Скопје, 6 јуни 2023 (МИА) - Во Приштина денеска ќе се одржи завршната конференција за проектот „Поддршка од ЕУ за КИФ ЗБ6“, чија цел беше зголемување на прекуграничната деловна соработка во Западен Балкан и поддршка на развојот на приватниот сектор преку промовирање можности за пристап до финансии.

Проектот вреден над 2,8 милиони евра, почна на 19 декември 2019 година, а ќе трае до 30 јуни 2023 година. 

Целта на завршната конференција е да се истакнат достигнувањата на проектот во кој заеднички учествуваа сите стопански комори - членки на КИФ. Резултатите ќе ги презентираат претседателите на коморите, членови на Управниот одбор на КИФ и компании.

Конференцијата предвидува два панела. На првиот, насловен Позитивно влијание на „Поддршка на ЕУ за Комората за Западен Балкан 6 Инвестициски форум“, ќе зборуваат претседателите на стопанските комори на Северна Македонија, Србија и Косово, Бранко Азески, Марко Чадеж и Лулзим Рафуна, претседателот на Сојузот на стопански и индустриски комори на Албанија Инес Муцостепа, потпретседателот на Стопанската комора на Црна Гора Никола Вујовиќ, како и заменик-генералниот секретар на надворешната трговска комора на БиХ Мирко Бошковиќ.  

Вториот панел е резервиран за компаниите кои ќе се осврнат на придобивките од проектот, а прикажани ќе бидат и промотивни видео материјали.

Конференцијата ќе биде заокружена со излагање на генералниот секретар на КИФ, Татјана Штерјова Душковска.

Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ ЗБ6) е асоцијација на стопанските комори од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, која воспостави платформа за соработка во 2017 година. Целта е да се обезбеди заеднички глас на бизнис заедницата во регионот, да се олеснат деловните контакти меѓу компаниите и да се промовира регионот како единствена инвестициска дестинација.

КИФ ЗБ6 претставува околу 350 000 компании, претежно мали и средни претпријатија, а мисијата му е да отвори нови можности за подобро вмрежување на деловните заедници преку отстранување на пречките за регионалната економска соработка и подобрување на бизнис и инвестициската клима. КИФ ЗБ6, како што стои во платформата, е одговор на бизнисот на политичките процеси во регионот кои се одвиваат во рамки на Берлинскиот процес, како дополнителен поттик за влез на Западен Балкан во ЕУ. мч/хс/

фото: МИА архива

 
 

 

Остани поврзан