• петок, 22 ноември 2024

Во Прилеп хуманитарен концерт за лицата со цистична фиброза

Во Прилеп хуманитарен концерт за лицата со цистична фиброза

Прилеп, 1 ноември 2023 (МИА) - Пациентите со цистична фиброза барата системско решавање на проблемите и терапија за сите, беше истакнато на денешниот хуманитарен концерт во центарот на Прилеп за донирање за овие пациенти.

Од околу 140 пациенти, двајца се од Прилеп, а само 12 ја примаат терапијата.

- Ова е начин да се биде гласен да се подигне свеста за пациентите со цистична фиброза. Ваквите хумани настани се битни за поддршката на пациентите и можност перманентно да се потсетува дека цистичната фиброза треба да биде заедничка битка: за унапредување на третманот и лекувањето, за обезбедување центар за цистична фиброза, пристап до модулаторната терапија и пристап до сите потребни лекови што е во согласност со современите и европски протоколи, изјави Елизабета Ангелеска Атанасоска, член на Асоцијацијата на пациенти со цистична фиброза и родител на лице со оваа болест.

На хуманитарниот настан во центарот на Прилеп концерт одржа групата „The Haunds“, а општествено одговорна компанија подари два апарати за инхалирање за семејствата на прилепските пациенти.

- Ова значи, апсолутно, да им се помогне на луѓето со цистична фиброза и сите лекови да се стават на позитивната листа и, пред сè, да се набават. Да се зголеми свеста дека треба најитно да се донесат лековите, рече Крсте Карчевски, музичар од групата „The Haunds“.

- Општествено одговорна компанија донираше два апарати кои им се неопходно потребни на овие деца. Од четири семејства во Прилеп, поради лошиот третман, две се иселија во странство, рече Дејан Проданоски, претседател на советот на Прилеп.

Со овој хуманитарен настан, под мотото „Прилеп-град борец, херој, хуманитарец“ почнува одбележувањето на Денот на градот - 3 Ноември и 79-годишнината од конечното ослободување. ем/ир


Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан