• недела, 22 декември 2024

Во Прилеп трибина на АХВ за превенција против чума кај овците и козите 

Во Прилеп трибина на АХВ за превенција против чума кај овците и козите 

Прилеп, 29 октомври 2024 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство денеска во Прилеп одржа работен состанок за превенција од болеста чума кај малите преживари, конкретно кај козите и овците, со претставници од инспекциските служби, Дирекцијата за заштита и спасување, локалната заедница, стопанските субјекти и претставници од граничната полиција.

Кај нас оваа болест ја нема, но има ризични региони каде е констатирана, како Грција, Романија. Пред сѐ, треба да се работи на свесноста кај сточарите за оваа болест и Агенцијата презеде низа мерки и активности преку состаноци со сточарите како да ја препознаат и да ја пријават болеста.

- Болеста не е зооноза, не се пренесува на луѓето, но брзо се пренесува преку директен контакт кај овците и козите и смртноста може да биде стопроцентна. Тоа значи може да предизвика огромни штети и загуби во овчарството. Како извозна гранка, може да предизвика намалување на сточниот фонд и на девизниот прилив што се огромни последици, изјави Ванчо Новоселски, раководител на инспекцискиот надзор при АХВ.

Македонија има забрана за увоз од ризичните подрачја.

-Постои ризик, посебно кај нашите фарми кои граничат со соседна Грција. Бидејќи се пренесува преку директен контакт на заразеното животно со друго, ризиците се мали, има природни препреки, но мора превентивно да се дејствува. Имаме преземено низа мерки, во однос на забрана на влез на живи животни од ризичните подрачја. Забраната е од поодамна, вели Новоселски.

Од Агенцијата апелираат до сточарите веднаш да реагираат при секоја респираторна промена кај животното.

-Ние ја следиме ситуацијата будно. Апелираме до сточарите при случај на некаков сомнеш во респираторниот процес кај животните, веднаш да пријават кај матичниот ветеринар за да може да се дејствува и да се преземат мерки, изјави Димитар Терзиевски од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во земјава се регистрирани околу 400 000 грла овци и кози, од кои 90 проценти се овци.

Ова е трета трибина по оние во Скопје и во Штип.ем/ар/


Фото:МИА

Остани поврзан