• петок, 22 ноември 2024

Во Прилеп с еодржува манифестацијата „Млеко 2024“

Во Прилеп с еодржува манифестацијата „Млеко 2024“

Прилеп, 14 септември 2024 (МИА) - На платото кај Градскиот саат во центарот на Прилеп денеска се одржува шестото издание на манифестацијата „Млеко 2024“. На штандови се изложени млечни производи на сточари од Пелагонискиот регион и други производи. Годинава манифестацијата се одржува под мотото „Предизвици во сточарството“.

-Сточарството е гранка која е соочена со многу предизвици. Освен саемскиот изложбено-продажен дел организираме и една мала конференција на која се опфаќаат климатските промени и нивното влијание, особено врз животните и на сточарството како гранка. Целта е да се понудат одговори за сите предизвици што ги има сточарството. Покрај институционалните, општествените и социолошките, битен елемент кој многу влијае се и климатските промени. Ние имаме стратегии, но со недоволна брзина ги следиме, така што, заостануваме. Не сме доволно динамични на европско ниво, а треба со поголемо темпо поради големото влијание на климатските промени на животната средина, изјави Елена Каровска Гошевска, програмски координатор во „Слоуфуд Македонија“ кој е организатор на манифестацијата, во соработка со локалната заедница на Прилеп.

Според сточарите, побарувачката и пласманот на млечните производи, посебно сирењето, се големи, но недостига работна рака.

-Има исплатливост. Јас цел живот се занимава со сточарство. Дури и од дома продаваме сирење. Ама нема интерес кај младите генерации за оваа гранка оти сака многу работа, вели Александар Јовчески, сточар и производител на сирење од општина Долнени.

Сточарите велат дека никој не сака, ниту за повеќе пари да се пријави да ги чува стадата.

-Еден од предизвиците е барањето работна рака. Не е ни малку лесно, ниту некој сака да чува овци, ниту за 700 евра. Ако веќе другите гранки увезуваат, па и ние да увеземе работна рака, смета млекопроизводителот Игор Поповски од Битолско.

Сметаат дека е потребна и државна стратегија за пласманот на млечните производи и на странските пазари, а таму, како што вела, се бараат.

-Имаме многу убаво искуство уште на минатогодишниот саем во Италија. Се бараа нашите производи, а воведуваме и нови технологии.  Ни треба стратегија која ќе го развие тој дел од сточарството и производството на млечни производи што ќе обезбеди пласман на македонските производи надвор од државата и девизен прилив, вели млекопроизводителот од Прилеп, Даниел Мирчески.

На манифестацијата „Млеко 2024“ се претставија и производители на мед, на зеленчук и на преработки од овошје. Тенденција е манифестацијата да премине во Фестивал на млекото. ем/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан