• среда, 20 ноември 2024

Во прилепската касарна почнаа одбележувањата на 20-годишнината од Карпалак

Во прилепската касарна почнаа одбележувањата на 20-годишнината од Карпалак
Прилеп, 7 август 2021 (МИА) - Со положување цвеќе пред двете спомен обележја во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, започна одбележувањето на 20-годишнината од загинувањето на десеттемина прилепски бранители кај месноста Карпалак. Почит за загинатите бранители Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски искажаа претставници од касарната, од Министерството за одбрана, членови на семејствата, од локалната самоуправа, здруженија и граѓани кои се поклонија пред споменот на бранителите. Обраќајќи им се на присутните потполковник Славчо Кузманоски, командант на прилепскиот гарнизон рече дека чувствата секогаш во овие 20 години се измешани - и со гордост за саможртвата и со тага дека веќе ги нема, посебно за семејствата. Истакна дека нема да бидат заборавени и никогаш да не се повторат тие настани. -Трагизмот на настаните ќе го преточуваме во спомените и на страниците на историјата, која на поколенијата ќе им ги пренесува сликите на настаните, но и доблестите и родољубието на чуварите и бранителите на сопствените огништа. Останува обврската наша, и на идните поколенија, споменот да го чуваме, да се сеќаваме на 2001-та и да не дозволиме никогаш да се повтори, рече потполковник Кузманоски. Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“ вели дека Прилеп секогаш давал херои, и нагласува дека е потребно бранителите да имаат здравствено осигурување. - И по 20 години може само да речеме - Слава им. Прилеп секогаш давал херои, па и во 2001-та. Наше е да не ги заборавиме хероите и да не дозволиме да се повтори. Најбитно за бранителите е да бидат ослободени од плаќање здравствени услуги, рече Петрески. Ацо Јованоски - Реган, еден од учесниците и преживеан нагласува дека за секое одбележување, покрај сеќавањата се нагласува да има спомен обележје на Карпалак и бранителите да бидат во системот. - Се сеќаваме, како вчера да било и ги повторуваме нашите, а и мои, заложби. Бранителите да бидат во системот да имаат здравствено, социјално и пензиско осигурување, рече Јованоски. Делегациите ја посетија и Спомен собата во Касарната во која се изложени фотографиите на загинатите резервисти на армискиот состав и од трагичниот настан. Беа положени свежи цвеќиња и пред спомен плочата во селото Лениште, а го посетија и манастирот „Света Петка“, изграден со заложба на преживеаните бранители. ем/вј/  

Остани поврзан