Во понеделник во Струга ќе му биде оддадена последна почит на писателот и новинар Наум Бајо
- Во понеделник, 13 јануари, во Струга ќе биде оддадена последна почит на писателот и новинар Наум Бајо.
Скопје, 11 јануари 2025 (МИА) – Во понеделник, 13 јануари, во Струга ќе биде оддадена последна почит на писателот и новинар Наум Бајо.
Роден на 30 април 1943 година во Долна Белица, Бајо уште од млади години го има посветено својот живот на пишувањето и новинарството.
Како член на Друштвото на писатели на Македонија, Бајо има оставено длабок белег во македонската книжевност. Со своите дела, меѓу кои романите „Црвените птици над Рим“, „Часовник од цвеќе“, „Камено сонце“, збирката раскази „Живот“, како и трите тома ,,Мојата Струга" тој создаде светови што зборуваат за човечките судбини и вечните вредности.
Неговата работа како новинар и хроничар на животот на Струга и нејзините луѓе беше непроценлива. Неговите записи ги оживуваа спомените за старите занаети, истакнатите личности и настаните кои го обликуваа нашиот град.
За неговиот придонес, Бајо во 2022 година ја доби престижната награда „Петковиот аманет“ за животно дело, со што неговата работа беше официјално признаена и прославена. ра/ев/
Фото: МИА архива