• петок, 22 ноември 2024

Во полициска акција во Скопје запленети 150 килограми наркотична дрога вредна 400.000 евра

Во полициска акција во Скопје запленети 150 килограми наркотична дрога вредна 400.000 евра

Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - Пронајдени и запленети 150 килограми наркотична дрога марихуана со вкупна вредност од околу 400.000 евра, а лишени од слобода четири лица во вчерашната заедничка координирана акција на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, Специјалната антитерористичка единица Тигар и Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Скопје. 

Имено, околу 17.00 часот на улица „Скупи“, биле запрени три патнички возила со скопски регистарски ознаки, и тоа „форд галакси“, управувано од Б.З.(44), кое имало улога на чистач, „пежо експерт“, управувано од Р.З.(49) каде сопатник била неговата сопруга Џ.З.(45), додека третото возило „БМВ“ го управувал нивниот син И.З.(19), сите од Скопје.

- При даден знак на полициски службеници за запирање на возилата, Б.З. со возилото се дал во бегство, но за кратко време од полициски службеници возилото било запрено, а возачот бил лишен од слобода. При извршен преглед во возилото „пежо експерт“ биле пронајдени 13 големи картонски кутии во кои имало 102 пакувања со марихуана, а од слобода бил лишен и возачот на „БМВ“, кој имал задача да предупредува за присуство на полиција, соопштија денеска од МВР.

По обезбедени наредби за претрес на дом и други простории од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд биле извршени претреси на три локации и во автомеханичарски сервис на подрачјето на Ѓорче Петров, при што се пронајдени уште четири картонски кутии со уште 32 пакувања со марихуана, голема дигитална вага, машина за пакување, повеќе ќеси, осум црни големи патнички торби и ќеси со марихуана, два романски пасоши и четири куршуми калибар 9 мм., информираше од МВР Сузана Прањиќ Талевска.

Во текот на спроведената истрага, која полицијата ја водела, било утврдено дека Р.З. ја набавил дрогата при крајот на месец април 2023 година од албански државјанин, по што ја сместил во неговиот автомеханичарски сервис, каде ја препакувал и сместил во картонски кутии со цел за понатамошен транспорт за Р.Турција. Притоа, преку Секторот за меѓународна полициска соработка преку Интерпол од Р.Турција добиена е информација дека на 12.06.2013 Р.З. заедно со неговата сопруга и синот биле фатени и лишени од слобода при транспорт на 14.560 грама хероин, кој бил сокриен во специјално изработен бункер во патничко возило „фолксваген фетон“, негова сопственост, за што и издржувале затворска казна во Р.Турција.

Во текот на денешниот ден од страна на СВР Скопје до надлежното ОЈО Скопје ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по член 215 и член 396 против сите четири приведени  лица. цр/дма/

Фото:МВР

Видео:МВР

Остани поврзан