• четврток, 15 јануари 2026

Во Повардарската eпархија во тек е пријавувањето за празникот Богојавление – Водици 

Во Повардарската eпархија во тек е пријавувањето за празникот Богојавление – Водици 

Велес, 14 јануари 2026 (МИА) - Повардарската eпархија со седиште во Велес и годинава ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар, a чинот на положување на чесниот крст на големиот христијански празник Богојавление Водици ќе се одржи од Мало Мовче во Велес.

Пријавувањето трае до понеделник до 9 часот во Повардарската епархијаи и на телефонот 043-221-231, а положувањето на крстот ќе биде околу 11:30 часот. 

-Пријавувањето за овој чин започна вчера и веќе до денеска се пријавиле 20-тина кандидати - православни верници кои ќе скокаат по крстот, информираат за МИА од Повардарската Епархија.

Тие ги повикуваат сите заинтересирани православни христијани за традиционалното фаќање на Крстот, да се пријават во просториите на Повардарската епархија во Велес, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.

Во понеделник 19 јануари од 9 часот на сите пријавени ќе се извршат здравствени прегледи. Истите ќе ги изврши медицинска екипа на Брза помош при ЈЗУ „Здравствен дом“ Велес која секоја година се грижи за здравјето на пријавените кандидати за цело време на настанот.

Празникот на Богојавлението во Велес ќе започне во 8:30 часот, по традиција со Света Божествена Литургија во градската црква  „Свети Спас“, на која ќе чиноначалствува Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на целото свештенство од Велес. По завршувањето на Литургијата ќе биде формирана Литија од црквата до Мало Мовче од каде што ќе се изврши осветувањето на водите на реката Вардар и ќе биде фрлен чесниот и животворен крст во водите на Вардар. ад/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан